Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, одговарајќи на пратенички прашања, изјави дека се истражува дали граничниот полицаец кој му овозможил на поранешниот вицепремиер Артан Груби да ја напушти Македонија преку границата со Косово, бил дел од организирано бегство или направил ненамерна грешка.
„Лицето ја напушти Македонија во раните утрински часови со возило со дипломатски таблици, каде беше совозач. Полицискиот службеник направи сериозна грешка – наместо да постапи според процедурите и да го задржи лицето кое беше на ‘стоп листа’, дозволил непречено преминување. Причината, според првичните наоди, била неговата вознемиреност од политичката големина на лицето и луксузот на возилото,“ изјави Тошковски.
Тој додаде дека полицаецот сфатил што направил дури откако Груби веќе бил на територија на Косово. Инцидентот е документиран преку 24-часовните гранични камери, а против полицаецот е поднесена кривична пријава за несовесно работење во служба.
„Истражуваме дали станува збор за ненамерна грешка или за организирано бегство. Обезбедени се мобилни телефони и други материјални докази кои ќе помогнат да се утврди вистината,“ нагласи Тошковски.
Министерот потврди дека боди камерите на полициските службеници не функционираат веќе неколку години, за што е казнет раководителот одговорен за одржување на системот. Сепак, тој истакна дека нема докази кои го поврзуваат техничкиот пропуст со бегството на Груби.