Возачите заглавени во правилото 90/180, превозниците од регионот се собираат во Скопје

Превозниците од Западен Балкан денеска во Скопје повторно ќе бараат решение за проблемот што сè посериозно го погодува меѓународниот транспорт – професионалните возачи од земјите надвор од ЕУ можат да престојуваат во Шенген најмногу 90 дена во период од 180 дена, иако таму влегуваат поради работа, а не како туристи.

На регионалната средба се најавени претставници на здруженијата на превозници од Македонија, Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина. Целта е да договорат заеднички чекори кон европските институции и да побараат професионалните возачи да добијат посебен третман.

„Проблемот сè уште не е решен. Средбата се одржува за да ја утврдиме агендата на нашите идни активности“, изјави за МИА Биљана Муратовска од Асоцијацијата на превозници МАКАМ-ТРАНС.

Правилото од 90 дена во период од 180 дена не е ново, но неговата примена стана многу построга со европскиот Entry/Exit System – EES. Системот од 10 април годинава е целосно оперативен на надворешните граници на Шенген и автоматски ги регистрира влезовите и излезите на државјаните од земји кои не се членки на ЕУ, со што практично исчезнува можноста престојот да не биде прецизно евидентиран.

Токму тоа е проблемот за камионџиите кои во текот на работата повеќепати неделно влегуваат во земјите од Шенген. За нив секој работен ден поминат во ЕУ се пресметува во истиот лимит што важи и за краткорочните приватни патувања.

Незадоволството кулминираше во јануари, кога превозници од Македонија, Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора ги блокираа товарните терминали на повеќе гранични премини. Тие предупредија дека ограничувањето може да доведе до недостиг на возачи, поскап транспорт и сериозни проблеми за компаниите што превезуваат стока меѓу Западен Балкан и ЕУ.

Европската комисија тогаш најави поголема флексибилност за категории професионалци кои често патуваат, меѓу кои и возачите, но конкретно трајно решение за нивното изземање од правилото 90/180 досега не е договорено.

Превозниците сега од Скопје треба да утврдат како заеднички ќе настапат пред Брисел и кои следни чекори ќе ги преземат доколку статусот на професионалните возачи не биде променет.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали Владата треба да се извини за грешката со знамето во настанот за 35 г. независност?