Воената влада на Мјанмар и главната бунтовничка група во североисточниот дел на земјата потпишаа договор за прекин на огнот, соопшти денеска Кина, како посредник меѓу завојуваните страни.
Договорот стапи на сила пред два дена и е втор ваков договор меѓу војската на Мјанмар и Армијата на Националната демократска алијанса на Мјанмар (МНДАА) за нешто повеќе од една година.
Претходниот договор никој не го почитуваше.
МНДАА држи големи делови од територијата долж границата со Кина.
Нов прекин на огнот беше постигнат со посредство на Кина во средината на овој месец, објави Министерството за надворешни работи на земјата.
Условите на договорот не беа соопштени.
Кина е најважниот надворешно политички сојузник на воената хунта во Мјанмар, која дојде на власт во 2021 година со соборување на избраната влада предводена од Аунг Сан Су Чи. Тоа соборување доведе до масовни мирни протести низ целата земја кои ескалираа во граѓанска војна.
Пекинг има големи геополитички и економски интереси во Мјанмар и е длабоко загрижен за нестабилноста долж границата со таа земја.