Стратегијата на ВМРО-ДПМНЕ, велат од СДСМ: „Лапни си папаја и манго, летни си со приватно авионче“, на сметка на работничките плати

Социјалдемократите на адресата на ВМРО ДПМНЕ и на премиерот Христијан Мицкоски, упатија тешки обвинувања. Според ни лицемерието на владејачката партија нема крај. Тие посочуваат дека додека Владата раководена од Мицкоски тврди дека нема нема пари за повисока минимална плата, од друга страна наголемо се троши за луксуз, папаја, манго, приватни авиони, тендери и привилегии.

„Кога треба да изберат – да ги зголемат платите или да ги полнат своите џебови – тие секогаш избираат да се богатат па затоа мора да лажат и да бараат виновник на друго место. Наместо чесно да објаснат зошто не сакаат да ја зголемат минималната плата, тие ја измислија новата стратегија: да го оцрнат синдикатот и да го прогласат за „партиски“ на СДСМ. Наместо да понудат решение за работниците, избраа да водат валкана кампања против оние што се борат за нивните права. Сето тоа за да ја сокријат вистината – дека свесно ги оставаат работниците со срамно ниски плати, додека трошоците за живот секојдневно растат“, велат во СДСМ.

Од СДСМ, тврдат дека Владата на Мицкоски не знае што значи да се преживува со 500 евра и дека нивните функционери не знаат што е празен новчаник на 20-ти во месецот, ниту пак знаат што е да се избира помеѓу храна, сметки и лекови.

„И затоа, кога работниците почнаа да бараат зголемување на минималната плата, ВМРО-ДПМНЕ реши да ги нападне синдикатите, да создаде хаос и да одвлекува внимание со измислени приказни за политички координации. Но вистината е јасна: единствената „координација“ тука е помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и елитата.
Нивниот приоритет не се работниците, туку газдите и елитата. Тие свесно одлучуваат да ги остават работниците со ниски примања, бидејќи знаат дека секое покачување на платите значи дека ќе мора да одвојат од сопствените луксузи“, велат во СДСМ.

Од СДСМ му порачаа на ВМРО ДПМНЕ дека колку и да се обидуваат да ја свртат приказната со напади и лаги, не можат да ја избришат клучната вистина: ВМРО-ДПМНЕ не сака да ја зголеми минималната плата и за тоа е подготвена да ја уништи секоја синдикална борба.

Зачлени се на нашиот е-билтен