На третиот меѓународен саем за вино, храна, ракија и туризам насловен како: „Винска визија на Отворен Балкан“, кој ќе се одржи во соседна Србија, ќе се оценуваат и вината од Македонија. Во делот на Гастро театарот, посетителите на саемот ќе бидат запознаени и со најдобрите, ресторани и хотели од државата чии претставниц ќе треба да подготват комплет мени од три јадења во комбинација со вина избрани од најдобрите винарии.
Ќе се оценуваат вината од Србија, Македонија, Албанија и други балкански земји, а најдобрите примероци ќе бидат наградени со златни, сребрени и бронзени медали. Исто така, за вината на членовите на Иницијативата Отворен Балкан ќе бидат доделени национални трофеи.
Покрај тоа, посетителите ќе можат да уживаат и во Гастро театарот – презентација на најдобрите ресторани и хотели од Србија, Северна Македонија и Албанија, каде што ќе се подготви комплет мени од три јадења во комбинација со вина избрани од најдобрите сомелиери од Србија.
Еден од најатрактивните сегменти на саемот ќе биде доделувањето на „ Винскиот трофеј на Отворен Балкан“, што ќе се одржи на 23 ноември. Тогаш ќе бидат прогласени најдобрите вина на фестивалот, а жирито составено од 26 меѓународни вински експерти, меѓу кои и шестмина носители на титулата „Мастер на виното“, ќе оцени речиси 1.000 примероци вино.
Централното место на Белградскиот саем ќе го заземе заедничкиот штанд на трите национални туристички организации на земјите од Отворен Балкан, каде заеднички ќе ја презентираат туристичката понуда и културното наследство на сите три земји
За време на „Винската визија на Отворен Балкан“, Белградскиот саем ќе собере повеќе од 650 изложувачи од бројни винарии, дестилерии и гастрономски компании од 38 земји, меѓу кои: САД, Франција, Австралија, Холандија, Јужна Африка, Либан, Мексико, Португалија, Швајцарија, Тунис, Уганда, Обединетото Кралство и други земји. На овој начин Белград ќе биде во фокусот на европската и светската јавност како главен град на виното и гастрономијата.
Според соопштението на српската влада, првиот ден од „Винската визија на Отворен Балкан“, утре, 22 ноември ќе биде отворен само за претставници на медиумите и професионалните посетители, додека граѓаните ќе можат да го посетат Саемот следниот ден.
Гости на Белград ќе бидат и лидерите на кулинарската и прехранбената индустрија: британскиот готвач и амбасадор на британската кујна Алан Коксон, главниот готвач и сомелиер Драган Униќ, вториот потпретседател на Светската асоцијација на мајстори на готвачи Даниел Ајтон, познатиот италијански готвач Џанлука Томази, како и директорот на Кулинарската олимпијада Даниел Шаде.