Бугарија испрати писмо до Советот на Европа за трендот непријателство кон бугарските институции, организации и граѓани

Бугарија

Парламентарното собрание на Советот на Европа е предупредено за постојана и загрижувачка серија напади врз бугарски институции, организации и граѓани во Република Северна Македонија. Писмото на Деница Сачева до претседателот Пабло Еспан и членовите на групата на ЕНП/ХД во ПССЕ е испратено пред летната сесија на собранието, која се одржува од 22 до 26 јуни во Стразбур, објавија бугарските медиуми.

Во него, Сачева истакнува дека палењето на два дипломатски автомобили пред бугарската амбасада во Македонија не може да се смета за изолиран случај.

Сачева наведува дека инцидентот не може да се разгледува изолирано бидејќи е дел од поширока и загрижувачка серија напади врз бугарски институции, организации и граѓани во Република Северна Македонија во последните години.

Таа потсети на нападот врз Бугарскиот културен центар во Македонија во 2023 година, вандализмот врз бугарската амбасада во јануари 2026 година, палежот врз Културниот клуб „Иван Михајлов“ во Битола и сериозниот напад врз Христијан Пендиков, секретар на Културниот клуб „Цар Борис III“ во Охрид.

Сачева истакна дека овие случаи укажуваат на постојан и загрижувачки тренд на непријателство кон бугарските институции, организации и граѓани во Северна Македонија. Таа ја поврза ситуацијата со негативната реторика против Бугарија и Бугарите во дел од политичката и јавната дебата, со недоволниот одговор на говорот на омраза и со недостатокот на ефикасно одвраќање против одговорните за ваквите дејствија.

Сачева изјави дека Советот на Европа треба да посвети сериозно внимание на ова прашање. Таа нагласи дека ниедна земја-членка не треба да дозволи клима во која нападите врз дипломатски мисии, културни институции или граѓани поради нивниот национален идентитет стануваат нормални.

Таа очекува властите во Република Северна Македонија да преземат сите потребни мерки за да спречат вакви инциденти, да обезбедат заштита на бугарската амбасада во Македонија и да се справат со причините што доведуваат до такви дејствија.

Најчитано