Петнаесет лица се уапсени во Грција во акција против мрежа од компании осомничени за даночно затајување и незаконски поврат на даноци. Меѓу уапсените се двајца директори на банкарски филијали и четворица сметководители, соопшти Независната управа за јавни приходи на Грција — ААДЕ.
Според истрагата, осум компании разменувале фиктивни фактури со високи износи. По контролите им биле утврдени даночни обврски од над 28 милиони евра, од кои 13 милиони за данок на доход и 15 милиони за ДДВ. Дополнително, компаниите добиле 4,8 милиони евра даночни поврати на кои немале право.
Како управители или единствени сопственици биле заведувани невработени лица, сопственици на кафулиња и други лица чие професионално и финансиско профил не соодветствувало со обемот на деловните активности.
Двајцата банкарски директори се сомничат дека помагале незаконски добиените средства да се подигнуваат во готовина, за што, според ААДЕ, добивале над 100.000 евра по подигнување.
Истражителите ги откриле врските преку анализа на компании, сметки и трансакции. При претресите во домови и деловни простории биле запленети документи и електронски носачи на податоци. Истрагата продолжува за утврдување евентуално учество на дополнителни лица и компании.

