Кој го „испи“ Дунав ова лето, вештачката интелигенција или климата?

Дунав

Дунав ова лето се повлече до нивоа што на делови од неговиот тек не биле забележани повеќе од еден век, отворајќи суви делови од коритото и предизвикувајќи проблеми за пловидбата и екосистемот. Додека хидролозите причините ги бараат во недостигот од снег на Алпите, високите температури и долгиот период без сериозни врнежи, на социјалните мрежи се појави поинакво објаснување, дека огромните податочни центри потребни за вештачката интелигенција буквално ја „испиле“ водата.

Размерите на овогодишната суша се видливи кај Бездан, каде Дунав влегува во Србија од Хрватска. На 3 август таму бил измерен водостој од минус 163 сантиметри, рекордно ниско ниво, за околу 20 сантиметри под претходниот историски минимум од 1909 година. Хидрологот Јелена Јериниќ од Републичкиот хидрометеоролошки завод на Србија за BBC објаснува дека клучниот проблем започнал многу порано од летните горештини.

На Алпите во јануари и почетокот на февруари имало натпросечно количество снег, но високите температури предизвикале тој брзо да се стопи. Потоа недостигале врнежи што вообичаено го полнат сливот и го одржуваат повисокиот пролетен водостој. Наместо подолг период со многу вода, Дунав релативно брзо преминал од средно високи во ниски вредности.

И на 15 август кризата не е завршена. Официјалните податоци на српскиот РХМЗ покажуваат дека водостојот на Дунав и натаму е во доменот на ниските вредности за овој период од годината. Кај Бездан денеска се измерени минус 150 сантиметри, а кај Нови Сад минус 57 сантиметри. За следните денови се очекува помало опаѓање или стагнација, без брзо враќање кон вообичаените летни нивоа.

Но, каде во оваа приказна влегува вештачката интелигенција?

Податочните центри навистина користат големи количества електрична енергија и вода. Серверите создаваат огромна топлина, па објектите мора постојано да се ладат. Дел од системите користат вода директно, а растот на вештачката интелигенција дополнително ја зголемува потребата од компјутерска моќ, електрична енергија и ладење. Според податоците наведени во анализата на BBC, податочните центри ширум светот во 2025 година потрошиле приближно 4,5 милијарди литри вода, а нивната потрошувачка се очекува да расте.

Тоа, сепак, не значи дека тие го пресушиле Дунав.

Екологот Мартин Пуш, долгогодишен истражувач на слатководни екосистеми во Берлин, оценува дека влијанието на податочните центри врз сегашното ниво на Дунав е околу 1.500 пати помало од влијанието на процесите поврзани со испарувањето и губењето вода од сливот. Според неговото објаснување, сè потоплите лета значат дека повеќе вода испарува од почвата, растенијата, водните површини и снегот, а помал дел стигнува до реките.

Дејвид Митон, истражувач на Универзитетот во Оксфорд кој се занимава со одржливо компјутерство, исто така ја отфрла тезата дека вештачката интелигенција е причината за драматичниот пад на Дунав. Според него, сегашната состојба е резултат на комбинација од долготрајни горештини, недоволни врнежи и помало количество вода што се слева во речниот систем.

Тоа не ја ослободува технолошката индустрија од прашањата за потрошувачката на вода. Новите податочни центри можат да користат затворени системи за ладење во кои водата циркулира и повторно се употребува, но постојат и технологии каде дел од водата се губи преку испарување. Разликата меѓу овие системи станува сè поважна во региони што се соочуваат со подолги сушни периоди.

За Дунав, сепак, моменталната пресметка е многу попрозаична од теориите што кружат на интернет. На реката ѝ недостига вода затоа што недостигале снег и дожд, температурите биле високи, а значително поголем дел од водата испарил пред воопшто да стигне до нејзиното корито.

Хидролозите предупредуваат дека за посериозно подобрување не се доволни неколку локални летни дождови. Потребни се долготрајни врнежи во поширокиот европски слив за да се наполнат почвата, притоките и резервите од кои се храни една од најголемите реки во Европа.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Каква тастатура користите на мобилниот телефон?