Во центарот на Загреб денес, црна блиндирана лимузина во која се наоѓал хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ се судри со друго придружно возило. Несреќата се случила на Савскиот пат.
„По враќањето од седницата на Владата од НСК на Савскиот пат, се случила мала сообраќајна несреќа помеѓу две возила од заштитениот конвој. Никој не е повреден. Во сообраќајната несреќа немало други возила вклучени, ниту пак пешаци биле загрозени“, изјавија од Владата на Хрватска за Индекс.
Во тек е полициска истрага, која треба да ги утврди сите околности на несреќата во која била вклучена блиндираната лимузина на Андреј Пленковиќ.
Станува збор за луксузен и исклучително скап Audi A8 L Security, специјално модифициран и блиндиран седан од германски производител. Овие возила, кои ги користи МУП за превоз на највисоки државни функционери и заштитени лица од прва категорија, тежат речиси четири тони поради вградените челични плочи, повеќеслојните непробојни стакла отпорни на куршуми од пушка и специјалните системи за заштита од експлозии и хемиски напади.
