Во екот на туристичката сезона, кога илјадници македонски граѓани престојуваат на првиот крак на Халкидики, грчката општина Касандра направи потег што привлече големо внимание кај македонската јавност – за првпат официјално општинско известување беше објавено и на македонски јазик.
Општината објави соопштение на три јазици – грчки, англиски и македонски – со кое ги повикува граѓаните и туристите во рок од 24 часа да ги отстранат незаконски поставените чадори, лежалки и другите предмети оставени на јавните плажи. Во спротивно, како што предупредуваат локалните власти, тие ќе бидат отстранети и третирани како отпад.
Иако содржината на известувањето се однесува на почитување на правилата за користење на плажите, симболиката на неговото објавување на македонски јазик е она што ја прави оваа вест особено значајна.
Станува збор за прв познат случај една грчка општина, во својата официјална комуникација, покрај грчкиот и англискиот, да го употреби и македонскиот јазик. Одлуката очигледно е мотивирана од фактот што Касандра е една од најпосетуваните туристички дестинации за македонските граѓани, кои со години се меѓу најбројните странски гости во овој дел од Халкидики.
Овој практичен потег на локалната самоуправа покажува дека, кога станува збор за информирање на туристите и ефикасна комуникација со посетителите, приоритет добива разбирливоста на пораката. Токму затоа македонскиот јазик се најде рамо до рамо со англискиот во официјалното известување, со цел информацијата да стигне до што поголем број посетители. За многумина во Македонија, ваквиот чекор претставува повеќе од обично туристичко известување. Тоа е пример дека во секојдневната комуникација на локалната администрација практичните потреби честопати ги надминуваат политичките чувствителности.
