Се укинува ли „24 минути со Зоран Кесиќ“, една од најпрепознатливите сатирични и критички настроени емисии во Србија? Само две недели пред планираниот почеток на новата сезона, тимот нема потврда дека емисијата ќе продолжи на ТВ Нова, бидејќи новото раководство сè уште не го потпишало договорот.
Екипата го потпишала договорот на 26 јуни, но документот не може да стапи во сила без потпис и од телевизијата. И покрај повиците и обидите да добијат одговор, авторите тврдат дека од новите сопственици од Португалија не добиле никакво официјално известување.
Новата сезона треба да почне на 19 септември во 20 часот и 30 минути. Во моментов е потврдено само емитувањето на официјалниот канал на „24 минути“ на Јутјуб, каде што емисијата има повеќе од 600 илјади следбеници.
„Нема проблем да ни кажат дека повеќе не се вклопуваме во новата концепција“, изјави Кесиќ, оценувајќи дека молкот на раководството е нелогичен и непрофесионален. Тој порача дека екипата нема да се откаже и дека веќе бара простор за продукција доколку емисијата остане без телевизиски термин.
Засега нема официјална одлука дека „24 минути“ е укината, ниту доказ дека неизвесноста е резултат на политички притисок. Но, отсуството на одговор отвори сомнежи поради улогата што емисијата ја има во српскиот медиумски простор, каде низ сатира редовно ги анализира постапките и изјавите на власта и јавните функционери.
Станува збор и за емисија со значајна гледаност. Според податоците на ТВ Нова за декември 2024 година, „24 минути“ имала просечен удел во гледаноста од 18 проценти, со што телевизијата била најгледана во Србија во саботниот термин од 20 часот и 30 минути.
Неизвесноста доаѓа непосредно по промените во сопственичката и управувачката структура на медиумите во рамките на Адрија њуз нетворк. Португалската компанија Алпак капитал во мај постигна договор за преземање на мрежата, во која се ТВ Нова, Н1, „Данас“, „Радар“ и други медиуми. При објавувањето на договорот беше ветено зачувување на нивната долгорочна уредувачка независност.
На 17 август сопственикот на Алпак капитал, Педро Варгас Сантос Давид, бил регистриран како директор на повеќе медиумски компании во Србија, а претходните директори биле разрешени. Синдикатите во Н1, Нова, „Радар“ и „Форбс“ го критикуваа начинот на кој биле направени промените и предупредија дека новинарството не смее да стане деловен или политички плен.
Кесиќ најави дека во првата епизода ќе ги обработи и последните настапи на српските функционери Синиша Мали и Ана Брнабиќ. Епизодата ќе биде објавена на Јутјуб на 19 септември, а дали истовремено ќе се емитува и на ТВ Нова зависи од потписот на новото раководство.

