Посветеноста на НАТО кон безбедноста на Косово останува непоколеблива. Сојузниците се подготвени и решени да ја обезбедат потребната поддршка, изјави заменичката генерална секретарка на НАТО, Радмила Шекеринска, изјави за Радио Телевизија Косово. Таа високо ја оцени соработката со безбедносните институции во Косово и потврди дека поддршката за напредокот на земјата е безусловна.
„Многу министри, особено од земјите од Западен Балкан, но и претставници на земјите што учествуваат во нашите мисии во регионот, разговараа за прашања поврзани со Балканот. Сите ја нагласија потребата да се остане внимателен и буден, бидејќи Западен Балкан е од стратешко значење за Алијансата. Ја цениме соработката што ја изградивме со безбедносните институции. Убедени сме дека нашиот ангажман придонесе за постигнување позитивни резултати“, додаде таа.
Шекеринска потсети дека по настаните од 2023 година, кога беа нападнати силите на НАТО за Косово, Алијансата веднаш го зголеми своето присуство на терен. „Сега кога ситуацијата се стабилизира, го прекинавме ротационото распоредување на дополнителни сили од јануари и ќе одржуваме пооптимизирано присуство. Ова исто така покажува дека институциите одговорни за безбедноста го зголемија својот капацитет и дека нашата мисија може да се спроведе со помал број воен персонал. Генералниот секретар беше многу јасен за време на неговата прес-конференција кога изјави дека нашата посветеност на силите на НАТО за Косово останува непоколеблива“, истакна таа.
Според неа, од воспоставувањето на мисијата пред дваесет и седум години, главната цел на силите на НАТО за Косово е да се обезбеди безбедност и стабилност за сите луѓе што живеат таму, да се обезбеди слобода на движење и да се создаде побезбедна средина за целиот регион. „Врховниот командант на сојузничките сили оцени дека во сегашната стабилна средина, присуството на силите на НАТО за Косово може да се оптимизира. Мисијата мора да биде во согласност со нејзината цел, поради што ќе се спроведе процес на оптимизирање на присуството. Самиот факт дека остануваме на место и дека сојузниците продолжуваат да бидат ангажирани покажува дека нашата будност и решителност се исклучително силни“, рече Шекеринска.
Таа, исто така, посочи на напредокот на Косово во други важни процеси, но нагласи дека сојузниците очекуваат и конкретни резултати од дијалогот.
