Приштина бара од Европската Унија да изврши притисок врз Белград за да овозможи користење на прекуграничните капацитети за трговија со електрична енергија меѓу Србија и Косово. Косовските власти тврдат дека блокадата ги принудува да увезуваат струја по подолги и поскапи рути и дополнително ја оптоварува земјата во период на енергетска криза.
Не станува збор за физичко „исклучување“ на струјата кон Косово. Српското Министерство за енергетика тврди дека електричната енергија и натаму физички се пренесува меѓу двата системи, додека спорот се однесува на комерцијалното користење и распределбата на прекуграничните преносни капацитети.
Министерскиот совет на Енергетската заедница ѝ даде рок на Србија до 1 јули годинава да ги преземе потребните мерки за овозможување на прекуграничната трговија. Косовската министерка за економија Артане Ризваноли на почетокот на јули изјави дека Србија не само што не го исполнила рокот, туку не презела ниту подготвителни чекори, а српскиот оператор EMS одбивал директна комуникација со косовскиот KOSTT.
Според KOSTT, директна трговија со електрична енергија меѓу Косово и Србија нема од 2020 година. Поради тоа Косово користи интерконекции со Албанија, Македонија и Црна Гора, што, според косовското Министерство за економија, ги зголемува трошоците за увоз и извоз. Косовските власти проценуваат дека ваквата состојба во 2024 година ги чинела Косово и регионот повеќе од 150 милиони евра, но не ја објавиле методологијата со која е добиена таа сума.
Белград, пак, тврди дека постапува според новата европска регулаторна рамка и дека веќе презел активности за регионална координација на прекуграничните капацитети. Со тоа двете страни даваат спротивставени толкувања за тоа кој е одговорен што директната трговија сè уште не функционира.
Енергетскиот спор се случува во период на нови тензии околу реката Ибар. Српскиот претседател Александар Вучиќ деновиве изјави дека се ангажирани експерти кои ја разгледуваат можноста за промена на нејзиниот тек, поврзувајќи ја идејата со односот на косовските власти кон Србите. Ибар го напојува системот Газиводе, кој е важен за снабдувањето со вода и производство на електрична енергија во Косово.
