Досега се уапсени 15 лица во рамките на истрагата за пожарот во хотелот „Гранд Картал“ во ски-центарот Карталкаја, јавија денеска турските медиуми.
Во несреќата што се случи по избувнувањето на пожарот ноќта на 21 јануари во Карталкаја загинаа 78 лица.
„Петмина осомничени, меѓу кои Седат Ѓулер, заменик-градоначалник на Болу, и Кенан Чоскун, заменик – директор на противпожарната служба, се појавија на суд. Бројот на осомничените кои се приведени се зголеми на 15 со последните апсења во истрагата за пожарот во хотелот во ски-центарот Болу Карталкаја“, објави денеска турскиот весник „Сабах“.
Пожарот се случи во хотелот Гранд Картал во ски-центарот Карталкаја, хотел на 12 ката во кој имало регистрирани 238 гости.
Некои преживеани рекоа дека не слушнале аларми за пожар за време на инцидентот, а гостите рекоа дека морале да се движат по ходниците исполнети со чад во целосна темнина.