Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Зошто успеа бојкотот на маркети во Хрватска?

Како што пишуваат хрватските медиуми бојкот на продавниците во земјата бил успешен, ако се суди според податоците за тамошната Управа за јавни приходи. Според статистиката, до 16 часот бројот на издадени сметки во малопродажбата бил помал за 43%, а вредноста на тие сметки дури за 50%. Потрошувачите значително помалку трошеле во споредба со истиот ден минатата година, пишува Јутарњи лист.

Во споредба со 19. јануари 2024 година, бројот на поединечни сметки бил помал за 32%, а износот на сметките за 37%. Иако податоците за сите дејности се малку послаби, сепак се гледа дека потрошувачите испратиле силна порака. Во сите дејности бројот на поединечни сметки бил помал за 29%, а износот на сметките за 31%, што укажува на тоа дека бојкотот го обухватил и другите сектори.

Со оглед на податоците и атмосферата која владее овие денови, не е изненадувачки што секторските здруженија зазеле заеднички став да не го коментираат еднодневниот бојкот на купувањето, сметајќи дека во јавноста е создадена атмосфера на линч, која, на изненадување на трговците, ја поддржаа и членови на Владата.

„Конечно, поддршка за бојкот даде и претседателот на Хрватската стопанска комора Лука Буриловиќ, човек кој стои на чело на институцијата која собира привредници и која живее од придонесите, вклучувајќи ги и придонесите од секторот на трговија. Што би требало трговците во таква атмосфера да кажат, а да не изгледаме како виновни кои се браниме?“ рекол еден трговец, додавајќи дека правите ефекти на бојкотот ќе бидат познати кога ќе се комбинираат податоците за фискализација со податоците за прометот во четврток и сабота.

Пред паркинзите на трговските центри, најчесто биле празни паркинг просторите. Трговците тврдат дека тие се последни во ланецот кои треба да сносат одговорност за високите цени:

„Денес добивме нови производи – морковите се од Србија, јагодите се од Грција, а кромидот е германски. Тоа е причината зошто ситуацијата е каква што е и тоа не е проблем на трговците, туку е многу поширок проблем кој треба да се решаваат оние кои сега се приклучуваат на овој бојкот“, додал еден трговец.

Министерот за економија, Анто Шушњар, делумно ја презел заслугата за успехот на бојкотот, повикувајќи ги потрошувачите да испратат порака до трговците, но и министерот за финансии, Марко Приморац, кој исто така ја поддржал оваа акција.

„Што се однесува до бојкотот, мислам дека не е на Владата да го организира или да повикува на бојкот, но како граѓанин и потрошувач, целосно го разбирам и од моја страна нема да одам во продавница денес“, изјавил Приморац и додал дека сите учесници во процесот на производство и трговија треба да бидат социјално осетливи и одговорни.

Премиерот Андреј Пленковиќ признал дека бојкотот бил силна порака од граѓаните која ќе биде земена во предвид, но само при формирање на ограничени цени на производите.

„На основа на консултациите, на следната седница на Владата ќе ја ажурираме листата на производи со ограничени цени. Таа ќе биде проширена. Државниот инспекторат ќе се посвети на сериозна контрола на цените, а Агенцијата за заштита на конкуренцијата ќе ги испита координираните практики на пазарот“, изјавил Пленковиќ.

Подсетуваме, минатата недела премиерот одржа состанок со трговци и претставници на најголемите добавувачи, разгледувајќи ја можноста за проширување на листата на производи со ограничени цени, откако претседателот на ХУП-овата асоцијација на трговци, Мартин Евачиќ, открил дека 50 добавувачи на почетокот на годината доставиле нови ценовници, според кои ќе поскапат повеќето производи.

Зачлени се на нашиот е-билтен