Европската унија разгледува мерки со кои би можела да ја натера компанијата Google да овозможи пристап до дел од податоците од својата пребарувачка платформа за конкуренцијата. Ова произлегува од прелиминарните наоди што Европска комисија ги испрати до компанијата, во рамки на примената на Законот за дигитални пазари.
Според предложените мерки, трети страни – вклучително и други пребарувачи – би можеле да добијат пристап до податоци собрани преку Google Search, како и информации поврзани со алатки базирани на вештачка интелигенција и функции за пребарување.
Сите засегнати страни имаат рок до 1 мај да достават мислења за предложените решенија, додека конечната одлука се очекува во јули годинава.
Google, како водечки пребарувач на глобално ниво, веќе се соочува со обвинувања од март 2025 година за прекршување на европските правила за дигитална конкуренција. Иако компанијата предложи сопствени мерки за усогласување, дел од конкурентите оценуваат дека тие не се доволни за да се обезбеди фер пазарна конкуренција.