Истанбул би можел да стане алтернатива на Дубаи

Долмабахче во Истанбул, палатата во која треба да се одржат преговорите Русија-Украина
Долмабахче во Истанбул, палатата во која треба да се одржат преговорите Русија-Украина

По завршувањето на војната, Блискиот Исток повеќе нема да биде ист, а во потрага по нови економски и енергетски алтернативи, Турција би можела да искористи две клучни можности – во финансиите и во нафтениот сектор, оценува Фатих Бирол, директор на Меѓународната агенција за енергија.

Во изјава за турскиот весник „Хуријет“, дадена на маргините на форум во Анталија, Бирол посочи дека регионот ќе се соочи со сериозни промени во економијата, политичкиот поредок и безбедноста, што ќе ги натера инвеститорите и компаниите да бараат нови центри.

Според него, една од најголемите можности за Турција е Истанбул да се позиционира како алтернатива на Дубаи – досегашен финансиски центар во подем. Бирок нагласува дека интересот за алтернативи веќе расте, бидејќи дел од големите компании почнуваат да се сомневаат во долгорочната стабилност на Дубаи.

За да го искористи овој момент, Турција ќе треба да инвестира во инфраструктура и да го направи Истанбул попривлечен за инвеститорите, вклучително и преку намалување на даноците и поедноставување на даночниот систем. Според Бирол, со постоечката макроекономска стабилност, Истанбул има потенцијал да стане значаен финансиски центар, особено во банкарството, осигурувањето и тргувањето со злато.

Втората голема можност, според него, е поврзана со нафтата. Ирак, кој го нарече „заспаниот економски гигант“, располага со огромни резерви, особено во регионот на Басра, од каде доаѓа најголемиот дел од ирачкиот извоз.

Со оглед на нестабилноста во Ормуски теснец, преку кој поминува значителен дел од светската нафта, се очекува земјите и компаниите да бараат алтернативни рути. Во тој контекст, нафтоводот Басра–Џејхан се издвојува како потенцијално клучен проект, важен не само за Ирак и Турција, туку и за енергетската безбедност на Европа.

Според Бирол, токму овие две насоки – финансии и енергетика – би можеле да ја позиционираат Турција како нов регионален центар во период на длабоки геополитички промени.

Зачлени се на нашиот е-билтен