Во деновите по убедливата изборна победа на опозициската партија Тиса, предводена од Петер Маѓар, Унгарија се соочи со бурни економски и политички реакции кои ја отсликуваат неизвесноста по промената на власта.
Долги редици граѓани се формираа пред филијалите на ОТП банка низ земјата, каде што штедачите масовно се обидуваа да подигнат готовина. Стравот од финансиска нестабилност ја поттикна оваа појава, а дел од филијалите се соочиле и со недостиг на пари, што дополнително ја зголеми нервозата. Од банката уверуваат дека ликвидноста е стабилна и апелираат до граѓаните да не подлегнуваат на паника.
Паралелно со тоа, на Будимпештанската берза се забележа пад на акциите на компании поврзани со досегашната власт и партијата Фидес. Инвеститорите брзо ги преиспитуваат своите позиции, стравувајќи од промени во економските политики и можни истраги за досегашните деловни врски со државата.
Сепак, спротивно на негативните сигнали, унгарската форинта зајакна во однос на еврото, што дел од економистите го толкуваат како знак на доверба од меѓународните инвеститори во најавените реформи на новата влада.
Во своите први обраќања, Маѓар испрати јасна порака дека нема да дозволи „прелети“ од Фидес во неговата партија, нагласувајќи дека новата политичка ера мора да биде ослободена од старите практики.
„Граѓаните гласаа за промени, а не за рециклирање на истите луѓе“, изјави тој.
Идниот премиер побара оставки од високите државни функционери, предупредувајќи дека во спротивно новото парламентарно мнозинство ќе иницира нивно разрешување. Овој повик се однесува на клучните институции, вклучително и претседателот на државата, како дел од најавената „обнова на системот“.
Маѓар ја оправда оваа иницијатива како неопходен чекор за враќање на довербата во институциите, посочувајќи дека изборниот резултат е јасен сигнал за длабоки реформи и прекин со досегашниот начин на управување.
Од друга страна, претставниците на поранешната власт не покажуваат подготвеност да се повлечат, повикувајќи се на уставните гаранции и независноста на нивните мандати.
Иако изборниот триумф на Тиса се толкува како крај на ерата на Виктор Орбан, првичните анализи укажуваат дека новата влада нема да прави радикални пресврти, туку постепено ќе го коригира постојниот курс.
Во надворешната политика, Маѓар најавува прагматичен пристап. Односите со Русија нема да бидат нагло прекинати, пред сè поради енергетската зависност, додека кон Европската Унија се очекува значително затоплување. Плановите за приклучување кон Европското јавно обвинителство се толкуваат како силен сигнал за борба против корупцијата и деблокирање на европските фондови.
Во однос на Украина, новата власт најавува внимателен баланс – без директна воена поддршка, но со можност за попродуктивна улога во рамките на Европската Унија.
Унгарија, според аналитичарите, влегува во период на постепена трансформација, во кој новата власт ќе се обиде да ги усогласи домашните очекувања со економските реалности и меѓународните обврски.