Рафинериите во ЕУ покриваат само 70% гориво, остатокот се увезува

Европската унија засега не се соочува со недостиг на гориво, но постои ризик во блиска иднина да се појават проблеми со снабдувањето со авионско гориво, предупреди Европската комисија. Причината е продлабочената криза на Блискиот Исток и нејзиното влијание врз глобалните енергетски текови.

Портпаролката на Европската комисија, Ана Каиса Итконен, изјави дека во моментов нема конкретни докази за недостиг, но дека ситуацијата внимателно се следи.

„Во овој момент нема недостиг на гориво во ЕУ, но можно е да се појават проблеми со снабдувањето, особено кога станува збор за авионското гориво“, истакна Итконен.

Таа појасни дека рафинериите во Европската унија обезбедуваат околу 70% од потребите за авионско гориво, додека преостанатите 30% се обезбедуваат преку увоз, што ја прави Унијата ранлива на надворешни шокови.

Дополнителен притисок врз пазарот создава ситуацијата на Блискиот Исток, особено затворањето на Ормускиот теснец, што доведе до значително поскапување на нафтените деривати, пред сè на керозинот.

Здружението на европските аеродроми веќе алармираше дека доколку во следните три недели не се нормализира пловидбата низ Ормускиот теснец, Европа би можела да се соочи со сериозен недостиг на авионско гориво.

Од Европската комисија нагласуваат дека се во постојана координација со земјите членки, со цел да се обезбеди целосен увид во залихите, производствените капацитети и можните алтернативни увозни рути, за навремено реагирање доколку ситуацијата се влоши.

Зачлени се на нашиот е-билтен