Ричард Гир го нарече Трамп манијак кој уништува сѐ што е добро

Гир

За време на јавна дискусија во Осло, американскиот актер Ричард Гир изјави дека американскиот претседател Доналд Трамп е „манијак кој уништува сè што е добро“.

„Живееме низ најтемниот момент што некогаш сум го видел на оваа планета. Кој би помислил дека Америка може да помине низ таков пресврт? Кој би помислил дека таков манијак може да стане претседател на Соединетите Американски Држави?“, рече 76-годишниот американски актер.

„Од првиот ден, овој човек уништи речиси сè добро што постоеше во американската влада и американското општество… Како беше ова воопшто можно? Затоа што заспавме. Не ни беше гајле. Не гласавме. Не слушавме доволно внимателно“, додаде Гир, признавајќи дека самиот не успеал да мобилизира доволно луѓе околу себе.

Откако сподели дека неодамна го посетил поранешниот нацистички концентрационен логор Дахау, Гир предупреди за опасностите од јавната апатија. „Треба да ги препознаеме предупредувачките знаци, оваа монструозна диктатура и колку брзо се воспоставува. Треба да останеме будни“, рече тој.

Уште во февруари 2025 година, ѕвездата на филмовите „Убава жена“ и „Американски жиголо“ го нарече Доналд Трамп „насилник“. Долгогодишен бранител на каузата на Тибет и конвертит во будизмот, Ричард Гир живее во Шпанија од 2024 година со својата сопруга, Шпанката Алехандра Силва.

Гир беше во норвешката престолнина за да ја додели Меѓународната награда Вацлав Хавел за креативно несогласување на Форумот за слобода во Осло на кинескиот уметник Гао Женг, кој е притворен во својата татковина, и дисидентот од Мјанмар Саи Саи.

Најчитано