Американски федерален судија денеска издаде итен налог за блокирање на контролата на платниот систем на американското Министерство за финансии, што беше добиено од Комисијата за владина ефикасност (DOGE) предводена од Илон Маск.
Во наредбата, судијата Пол А. Енгелмаер го забрани пристапот до податоците складирани во Министерството за финансии на САД од страна на „сите политички назначени лица“, „сите владини специјални агенти“ и „сите владини службеници надвор од Министерството за финансии“.
Во привремената наредба, која е во сила до сослушувањето закажано за 14 февруари, се наведува и дека секој што има пристап до податоците од архивите на Министерството за финансии од инаугурацијата на Доналд Трамп на 20 јануари, мора „веднаш да ги уништи сите копии од преземениот материјал“.
Соработниците на Илон Маск, кого Трамп го назначи за шеф на DOGE, ја презедоа контролата врз платниот систем на американското Министерство за финансии пред неколку дена, потег што избраните демократи го осудија како „исклучително опасен“.
„Единствениот начин да се запре измамата и трошењето пари од даночните обврзници е да се следат тековите на плаќањата и да се паузираат сомнителните трансакции за преглед“, се правдаше тогаш Маск, шефот на Tesla и SpaceX во пораката што ја објави на сопствената социјална мрежа X.
Случајот го покренаа обвинители од 19 американски држави, тврдејќи дека администрацијата на Трамп го прекршила законот со проширување на пристапот до чувствителните податоци на Министерството за финансии на членовите на персоналот на DOGE, комитет што претседателот го има задолжено да ги намали владините трошоци.
Овие држави „би претрпеле непоправлива штета без оваа наредба“, објаснува судијата Енгелмаер во својата наредба. „Ова се должи на ризикот од откривање на чувствителни и доверливи информации што ги носи новата политика, како и зголемениот ризик од хакирање на дотичните системи“, напиша тој.
Синдикатите и групите за човекови права остро се спротивставија на најбогатиот човек во светот да го преземе системот за плати на Министерството за финансии.
Според интерен меморандум од американското Министерство за финансии, пристапот на тимот DOGE до федералните платежни системи претставува „најголемата инсајдерска закана со која досега се соочила IRS“, објавија американските медиуми.