Тигри, алигатори, пауни, патки: Низ светот богатите трошат огромни пари за преселба на своите миленици

Фото: X/@dannyctkemp

Низ светот годишно се преселуваат околу половина милион домашни миленици, а во ова „патувачко животинско царство“ има буквално сè и сешто.

Со зголемувањето на бројот на милијардери кои се селат за да избегнат даноци, зачестија и луксузните преселби на миленици, по астрономски цени, пишува магазинот „Бизнис и финансии“.

Прашањето кој кого припитомил и кој навистина е поинтелигентен – луѓето или животните – би требало сериозно да се разгледа во светло на статистиките за експлозијата на грижата за милениците и огромните суми што се трошат за тоа. Пред триесетина години, индустријата за миленици вредеше 26,9 милијарди долари, а денес достигна 104 милијарди долари.

Специфична ниша во оваа индустрија – преселување миленици низ светот – моментално вреди околу 2,4 милијарди долари, но се проценува дека до 2030 година ќе надмине 5,4 милијарди.

Не е исклучено таа вредност значително да порасне, бидејќи човечката непредвидливост може да ја засрами и најпрецизната статистика. Математиката тешко може да се справи со случаи како оној кога патничка на американската авиокомпанија „Јунајтед ерлајнс“ направила хаос на аеродром, решена по секоја цена да внесе во авионот и свој паун, затоа што ѝ „давал емоционална поддршка“.

Кога ќе се погледнат сумите што богатите сопственици се подготвени да ги платат за вакви проблеми да им бидат решени, речиси е сигурно дека оваа индустрија има светла иднина.

Руските миленици надвор од „елитниот клуб“

Компаниите што се занимаваат со ова обезбедуваат сите видови транспорт, царинење за меѓународни преселби и се грижат за безбедноста и удобноста на животните.

Аналитичарите предвидуваат најголем успех за оние што нудат премиум услуги – транспорт со контролирана клима, специјални простори за движење и одмор, како и стручен персонал што се грижи за здравјето на животните.

Дека оваа индустрија е резервирана за луѓе кои имаат луксуз да размислуваат како нивните миленици ќе ја преминат границата (а не тие самите), покажуваат и пазарните податоци. Најпрофитабилна е во западните земји – предводени од САД и Канада.

Во Европа водат Германија, Франција, Велика Британија и Италија. До неодамна и Русија беше дел од овој „клуб“, но е исклучена поради санкциите кон руските олигарси поради војната во Украина.

Пазари во развој

Во азиско-пацифичкиот регион ситуацијата е мешана – пазарот е развиен во Австралија, Јапонија и Јужна Кореја, додека во Кина е значително послаб.

Во Јужна Америка, приоритетите се поинакви – повеќе се размислува за нелегален транспорт на дрога отколку за миленици. Ако се транспортираат животни, тоа најчесто се егзотични видови.

Блискиот Исток има богати клиенти, но и многу конфликти, па пазарот има „простор за раст“. Истото важи и за Африка, каде населението има поважни проблеми од грижата за миленици.

„Мала мачка“ од сто килограми

Годишно се преселуваат околу половина милион миленици. Една од најуспешните компании во оваа област е британската „Global Pet Relocation“, која работи со клиенти од листата Fortune 500.

Генералниот директор Мајк Гејс вели дека годишно преселуваат десетици илјади животни – најчесто кучиња и мачки, но и ежови, хрчаци, желки, кози, овци, па дури и лавови, тигри и алигатори.

– Имавме клиент од Њујорк кој се селеше во Париз и сакаше да ја земе својата „мала мачка“ со себе во авионот. Кога нашите луѓе дојдоа да го земат, се испостави дека тоа е – бенгалски тигар – раскажува Гејс.

Луксуз за патки и приватни летови

Повеќето миленици патуваат како товар во специјални оддели со контролирана температура. Несреќите се ретки, но богатите клиенти можат да изберат и приватни летови.

Цените се енормни – лет во еден правец од Њујорк до Лондон може да надмине 60.000 долари само за миленикот.

Голем предизвик се и законите за внесување животни. На пример, еж од Нов Зеланд не може да се внесе во многу земји поради ризик од болести, а за внес на куче во Австралија се чека и до четири месеци.

Во многу случаи, животните мора да поминат карантин. Еден клиент од Лондон кој се преселил во Сан Франциско барал за своите две патки да имаат луксузна соба со базен – што го чинело 14.000 долари.

Зачлени се на нашиот е-билтен