Трамп објави дека Каролин Ливит заминува од Белата куќа

САД

Портпаролката на Белата куќа Каролин Ливит ќе ја напушти функцијата на крајот од август, објави американскиот претседател Доналд Трамп. Таа заминува за да поминува повеќе време со своето семејство и двете мали деца, но ќе продолжи да работи како надворешна советничка на Трамп.

Ливит неодамна се врати на работа по породилното отсуство, откако во мај го роди своето второ дете. Во објавата со која го потврди заминувањето, таа оцени дека тешко може истовремено целосно да ѝ се посвети на функцијата и на семејството.

Трамп ја пофали како една од неговите најдоверливи соработнички и најави дека и по заминувањето од Белата куќа ќе остане еден од неговите водечки надворешни советници и активен глас во Републиканската партија пред изборите за Конгрес.

Ливит има 28 години и е најмладата личност што ја извршувала функцијата портпарол на Белата куќа. На позицијата дојде по победата на Трамп на изборите во 2024 година, откако претходно беше дел од неговата кампања и работеше и во неговата прва администрација.

За време на нејзиниот мандат Белата куќа го промени пристапот кон медиумите, отворајќи повеќе простор за дигитални и алтернативни медиуми во прес-салата, додека Ливит често влегуваше во остри расправии со дел од традиционалните американски медиуми.

Трамп засега не соопшти кој ќе ја наследи Ливит на функцијата портпарол на Белата куќа.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали Владата треба да се извини за грешката со знамето во настанот за 35 г. независност?