Американскиот претседател Доналд Трамп бил тајно префрлен од претседателскиот авион во Анкара и со кетеринг-возило однесен до друг воен авион, во сложена безбедносна операција организирана поради веродостојна закана од Иран за неговиот живот. Деталите за операцијата, која се случила по самитот на НАТО во јули, беа откриени еден месец подоцна од „Вашингтон пост“.
Во јавноста тогаш беше создаден впечаток дека Трамп од Турција кон Велика Британија заминал со постариот претседателски авион „Ер форс уан“. Тој се качил во авионот пред телевизиските камери, но само неколку минути подоцна, без да биде забележан, бил изнесен преку врата од спротивната страна.
Трамп и неколку негови соработници влегле во аеродромско кетеринг-возило, кое со хидраулична платформа било подигнато до авионот. Оттаму биле префрлени до помал воен авион C-32A, со кој претседателот тајно полетал кон британската база Милденхол.
Во меѓувреме, стариот „Ер форс уан“ полетал како мамка. Новинарите и дел од вработените во Белата куќа кои биле во авионот верувале дека Трамп патува со нив. На новинарската екипа ѝ било кажано да ги спушти ролетните на прозорците пред полетувањето.
Според „Вашингтон пост“, операцијата била активирана откако американските безбедносни служби добиле информации за веродостојна иранска закана за атентат врз Трамп. „Њујорк тајмс“ објави слични информации повикувајќи се на американски официјални лица. Асошиејтед прес наведува дека независно не ги потврдил сите детали од операцијата.
Белата куќа не ги потврди директно оперативните детали, но не ја демантираше приказната. Директорот за комуникации Стивен Чеунг изјави дека САД користат „секоја алатка што им е на располагање“ за да одговорат на заканите кон претседателот.
Тајното префрлање се случило на 8 јули, по самитот на НАТО во Анкара, во момент кога тензиите меѓу САД и Иран нагло ескалираа. Додека Трамп престојувал во Турција, американската војска изведувала удари врз цели во Иран како одговор на нападите врз трговски бродови во регионот.
Дополнителна забуна предизвикал и новиот Боинг 747 што Катар му го донираше на САД и кој беше приспособен за претседателски летови. Трамп со него пристигнал во Анкара, но непосредно пред заминувањето соопштил дека кон Британија ќе патува со постариот авион. Во реалноста, ниту еден од тие два авиона не бил користен за тајниот прв дел од неговото враќање.
C-32A со Трамп пристигнал во Милденхол неколку минути пред авионот-мамка. Подоцна претседателот повторно се појавил кај стариот „Ер форс уан“, поради што новинарите што патувале со него не знаеле дека во меѓувреме бил префрлен со трет авион.
Кога подоцна бил прашан дали постоела реална иранска закана за авионот, Трамп одговорил дека закани добива постојано и дека е „број еден на нивната листа“.
Ваквите операции се ретки, но не се без преседан. Во 2000 година, за време на посетата на Бил Клинтон на Пакистан, бил употребен необележан авион, додека официјалниот претседателски авион служел како мамка.
