Украинскиот претседател Володимир Зеленски откри дека со американскиот претседател Доналд Трамп разговарал за нападите врз руските рафинерии и за растот на цените на дизелот. Зеленски порача дека Украина нема еднострано да ги запре нападите врз руската енергетска инфраструктура, но е подготвена на договор доколку и Русија престане да ја напаѓа украинската енергетика.
„Нашите животи се поважни од цената на енергијата“, рекол Зеленски во интервју за „Волстрит журнал“, објаснувајќи дека темата за дизелот била предмет на нивен телефонски разговор.
Трамп во последните денови јавно го повикува Киев да ги запре нападите врз руските рафинерии, тврдејќи дека тие влијаат врз глобалното снабдување со дизел и придонесуваат за повисоки цени на горивото.
Зеленски, сепак, го поставува прашањето во поширок контекст. Украина, како што вели, ќе ги запре нападите врз руските рафинерии ако Москва престане со нападите врз украинските електрани, системот за греење и водоснабдувањето.
„Ако тие не сакаат да ги напаѓаме нивниот дизел и рафинериите, ние сме подготвени – доколку тие не го напаѓаат нашиот енергетски систем“, изјави Зеленски по средбата со Трамп во Њујорк.
Зеленски и Трамп се сретнаа на маргините на Генералното собрание на ОН, а разговорите траеле околу 40 минути. По средбата, Зеленски изјави дека Киев е подготвен за каков било формат на договор за прекин на нападите врз енергетската инфраструктура.
Во меѓувреме, нападите продолжуваат. Украина изврши серија напади врз руски нафтени постројки, додека Русија продолжува со удари врз украинската енергетска инфраструктура.
Трамп смета дека прекинот на нападите врз енергетските објекти може да помогне во намалувањето на притисокот врз пазарот на горива. Зеленски, пак, бара договорот да важи за двете страни, а не само за Украина.
Цената на дизелот во САД во меѓувреме достигна рекордни нивоа. Просечната цена во вторникот изнесувала околу 6,53 долари за галон, речиси еден долар повеќе од пред еден месец.

