Зеленски тврди дека Русија двапати го целела неговиот авион

Украинскиот претседател Володимир Зеленски тврди дека руски дронови во два одделни случаи влегле во воздушниот простор на Молдавија во моменти кога неговиот претседателски авион бил во земјата. Тој смета дека инцидентите биле поврзани со неговото патување, иако засега нема независна потврда дека авионот бил директната цел на беспилотните летала.

Во интервју за CBS News, Зеленски изјави дека првиот инцидент се случил додека преку Кишињев патувал кон Норвешка, а вториот при неговото враќање кон Украина неколку дена подоцна.

„Мојот претседателски авион беше во Молдавија и затоа ја нападнаа Молдавија. Кога се враќавме дома, повторно преку Кишињев, го направија истото“, изјави Зеленски.

Првиот инцидент се случил на 9 септември. Молдавските власти тогаш привремено го затвориле воздушниот простор поради навлегување на руски дрон, поради што бил одложен и летот на Зеленски кон Норвешка. Во тој момент неговиот авион сè уште бил на земја.

Дронот бил следен и над романскиот воздушен простор, а подоцна паднал на околу 160 километри од аеродромот во Кишињев. Немало повредени. Молдавските власти соопштија дека пронајдените остатоци биле слични на дронови од типот „Геран“, кои Русија ги користи во нападите врз Украина.

Норвешкиот премиер Јонас Гар Стере подоцна изјави дека авионот на Зеленски „за малку“ избегнал дрон, но информации од украинското претседателство што ги пренесоа повеќе медиуми ја оценија таквата формулација како претерана.

Зеленски потоа откри и втор инцидент кој претходно не бил објавен. Според него, при враќањето преку Кишињев, еден или два руски дрона повторно навлегле во молдавскиот воздушен простор. Reuters наведува дека два дрона на 14 септември навистина навлегле во Молдавија и останале во нејзиниот воздушен простор по околу десет минути.

Украинскиот претседател ги поврза двата настана со руски обид за заплашување, но во разговорот остави отворена можност дроновите да не биле наменети директно да го погодат него.

Москва ја отфрли таквата интерпретација. Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, по првиот инцидент изјави дека не постоела закана за авионот на Зеленски и ги обвини украинските власти дека го користат случајот за политички провокации.

Инцидентите се случуваат во период на зачестени навлегувања на руски дронови во воздушниот простор на земји кои граничат со Украина. Молдавија и Романија во повеќе наврати пријавуваа беспилотни летала или нивни остатоци по руски напади врз украински цели во близина на границата.

На 9 септември, молдавската гранична полиција регистрирала и руски напад со дронови врз украинскиот граничен премин Староказаче, во непосредна близина на молдавската граница. Поради нападот биле евакуирани луѓето од преминот и привремено бил запрен сообраќајот.

Тврдењето на Зеленски дека неговиот авион бил намерно целен засега не е независно потврдено. Потврдено е, сепак, дека руски дронови навлегле во молдавскиот воздушен простор во двата периода што ги спомнува украинскиот претседател и дека првиот инцидент довел до привремено затворање на воздушниот простор и одложување на неговиот лет.

Рацин.мк ве прашува:

Дали здравите односи, личните граници и репродуктивното здравје треба да се учат во училиште?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали здравите односи, личните граници и репродуктивното здравје треба да се учат во училиште?