Аријана Гранде до Белата куќа: Не ја користете мојата музика

Аријана Гранде јавно ја повика Белата куќа да не ја користи нејзината музика во политички видеа, откако официјалниот профил на администрацијата на Доналд Трамп на TikTok употреби нејзина песна во објава поврзана со апсења на мигранти од страна на ICE.

Спорната објава прикажувала федерални агенти како апсат и ставаат лисици на лица, додека во позадина била употребена песната „Bye“ на Гранде од 2024 година. Видеото било објавено како дел од промоцијата на имиграциската политика на администрацијата, со порака дека Трамп ја обезбедил „најбезбедната граница во историјата“.

Гранде реагираше директно во коментар под видеото, барајќи нејзината музика да не се користи во таков контекст. Според објавените информации, таа напишала: „Ве молам, никогаш не ја користете мојата музика во врска со ова варварско, нехумано, одвратно бесмислие“.

Коментарот брзо привлече внимание на социјалните мрежи, но потоа станал недостапен или бил отстранет од просторот за коментари. Пејачката, сепак, ја задржала реакцијата видлива преку споделување снимки од коментарот на своите профили.

Тимот на Гранде, според меѓународните медиуми, презел чекори за отстранување на песната од видеото. Euronews објави дека аудиото било отстрането од објавата, додека самото видео поврзано со имиграциската политика останало достапно, но без звук.

Белата куќа одговори преку портпаролката Абигејл Џексон, која ја бранеше пораката на видеото и ја префрли критиката кон лица што администрацијата ги опишува како криминални илегални мигранти. Со тоа, спорот за една песна брзо се претвори во уште една културно-политичка битка околу имиграцијата, правата на уметниците и користењето поп-музика во политичка пропаганда.

Ова не е првпат американската администрација да се соочи со реакции од музичари поради употреба на нивни песни во политички содржини. Во последните години повеќе уметници јавно се оградија од користење на нивната музика во кампањи, митинзи или видеа со пораки со кои не сакаат да бидат поврзани.

Случајот со Аријана Гранде повторно го отвора прашањето кој ја контролира јавната употреба на музиката во политички контекст. За уметниците, песната не е само звучна подлога, туку дел од нивниот јавен идентитет. Кога таа ќе се употреби за порака што тие ја сметаат за спротивна на нивните ставови, спорот станува и правен, и политички, и симболичен.

Гранде, која во минатото јавно изразувала критики кон политиките на Трамп, сега се приклучи на поширок список музички ѕвезди што не сакаат нивните песни да се користат како звучна позадина за политички пораки. Во овој случај, реакцијата беше уште посилна затоа што видеото било поврзано со имиграциски апсења, тема што во САД одамна предизвикува остри поделби.

Најчитано