Комбинација од токсични гасови, висока температура, чад и паника довела до смртоносниот исход во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани на 16 март 2025 година, сведочеше вештото лице на денешното судење, објаснувајќи го механизмот на смрт кај жртвите и условите во кои се случила трагедијата.
Директорот на Институтот за судска медицина, Александар Станков, посочи дека смртните случаи се типични за пожари во затворен простор, при што доминантен фактор бил јаглеродниот моноксид, но со значајно влијание и на други фактори – густ чад, екстремно висока температура, пренатрупаност и паника што предизвикала стампедо при обид за бегство.
Според неговото сведочење, повредите кај настраданите се делат на изгореници од различен степен, најчесто на главата, вратот и горниот дел од телото, како и инхалаторни повреди – оштетувања на дишните патишта од вдишување жежок воздух и токсични гасови. Дополнително, кај дел од жртвите се регистрирани и механички повреди, настанати при притисок и турканица во обидот за евакуација.
Вештакот нагласи дека во просторот не делувал само јаглероден моноксид, туку и други опасни материи, меѓу кои и водороден цијанид, кој имал дополнително, но не и доминантно влијание врз смртниот исход. Тој појасни дека ваквите гасови може да се ослободат при согорување на материјали што се користат, на пример, за звучна изолација.
Во однос на можната улога на алкохолот или други супстанции, Станков истакна дека тие не можат да се разгледуваат изолирано, но теоретски можат да влијаат врз способноста за расудување. Сепак, според него, во конкретниот случај клучна била комбинацијата од повеќе фактори – густ чад, жежок воздух и физички притисок од толпата.
Трагедијата се случи за време на концерт, кога во објектот имало стотици луѓе, а според досегашните податоци, 63 лица го загубија животот, додека голем број беа повредени. Семејствата на жртвите по денешното рочиште реагираа на објавување на чувствителни информации во дел од медиумите, оценувајќи дека се работи за злоупотреба на трагедијата и повикувајќи на поголема почит и одговорност.
Судењето продолжува на 6 мај со изведување на материјални докази предложени од Обвинителството.