Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Бесими во ММФ: Опстојуваме на определбите за фискална консолидација и забрзан економски раст

Мерките и политиките што ги спроведува Република Северна Македонија ја задржаа макроекономската стабилност, буџетскиот дефицит забележа намалување, јавниот долг е на одржливо ниво и во рамки на Мастришките критериуми, инфлацијата покажува тренд на намалување, економијата е отпорна и е во позитивна зона, беше констатирано на средбите на министерот за финансии Фатмир Бесими со заменик-генералниот директор на ММФ, Бо Ли и директорот на ММФ за Европа, Алфред Камер,  одржани во рамки на Пролетните средби на ММФ и Светска банка во Вашингтон.

– Неизвесноста и предизвиците од кризата се сѐ уште присутни во глобални рамки што се чувствуваат и кај нас. Нашата определба е да одговориме на тие предизвици на краток рок и да опстоиме на нашите среднорочни определба за фискална консолидација и забрзување на економскиот раст, рече Бесими.

Мерките што ги преземаме за справување со ценовната криза, додаде, веќе покажуваат ефект со намалување на стапката на инфлацијата пет месеци последователно од 19,8 проценти лани во октомври во март таа изнесуваше 14,7 проценти.

– Буџетскиот дефицит од почетокот на годинава е понизок за околу 16 проценти во однос на остварениот дефицит во тој период од 2022 година, јавниот долг е на ниво од 57,1 отсто, заклучно со декември 2022 година, државниот долг на крајот на февруари изнесува 44,9 отсто од БДП, вкупните приходи во буџетот од почетокот на годината бележат раст од околу 15 проценти, економската активност покажува отпорност и бележи раст, извозот бележи раст од 10,2  отсто во првите два месеца од 2023,стапката на невработеност се намали и е на историски најниско ниво од 14 проценти, потенцира Бесими.

Нагласи дека здравите и одржливи политики беа препознаени од ММФ минатата година со одобрување на средства од Инструментот за ликвидност и претпазливост – ПЛЛ.

– Тоа е поддршка на политиките што ги спроведуваме за справување со кризата и да поставиме основа за натамошен долгорочен раст. Поддршка во време на криза кога финансиските средства на пазарите стануваат скапи и ограничени е сигнал до инвеститорите за здравост на политиките, посочи Бесими и додаде дека потврда за политиките беше и изразениот голем интерес од инвеститорите на аукцијата за 9-тата еврообврзница што беше издадена во текот на март 2023 година, потврдениот кредитен рејтинг од агенциите Фич и Стандард и Пурс, како и интересот за странски инвестиции во земјата, кои во минатата година достигнаа над 750 милиони евра, што е за над 60 отсто повеќе во споредба со 2021 година.

На средбата беше напоменато дека позитивно влијание се очекува да има реализацијата на капиталните проекти за кои во Буџетот за 2023 година се проектирани 800 милиони евра, како и инвестициите во индустриските зони.

Министерот Бесими се осврна и на реформите што се имплементираат во делот на јавните финансии, новиот Закон за буџети и поддршката што може да се добие во тој реформски процес, преку кој ќе се воспостави нов модерен систем на буџетирање, заснован на транспарентност и отчетност и алоцирање на средствата каде што ќе даваат најдобри резултати.

Во рамки на Пролетните средби на ММФ и СБ Бесими ќе оствари средба и со новата потпретседателка  на Светска банка за регионот на Европа и Централна Азија, Антонела Басани и  извршниот директор на Светска банка, Кун Давидсe. (МИА) 

Фото: Министерство за финансии

Зачлени се на нашиот е-билтен