Билиќ се врати на клупата на Хрватска: „Дојдов да направам голем резултат“

Photo: Wikimedia Commons

Славен Билиќ повторно е селектор на хрватската фудбалска репрезентација, 14 години по завршувањето на неговиот прв мандат. Извршниот одбор на Хрватскиот фудбалски сојуз едногласно го потврди неговото именување за наследник на Златко Далиќ.

Педесет и седумгодишниот стратег порача дека не се вратил само за да ја одржи Хрватска меѓу најдобрите репрезентации, туку за да се обиде да освои големо натпреварување.

„Дојдов да направам голем резултат, пред сè на Европското првенство“, изјави Билиќ на своето официјално претставување.

Тој оцени дека има три основи за високите амбиции: стабилноста на Хрватскиот фудбалски сојуз, квалитетот и потенцијалот на репрезентацијата и континуитетот на големи резултати што Хрватска го одржува од Светското првенство во 1998 година.

Билиќ веќе ја предводеше Хрватска од 2006 до 2012 година. На Европското првенство во 2008 година стигна до четвртфиналето, каде што неговата репрезентација беше елиминирана од Турција по драматично изведување пенали.

Новиот селектор изјави дека и денес верува оти Хрватска можела да стане европски шампион во 2008 година, но нагласи дека сегашната генерација добива нова можност за голем резултат. Пред Европското првенство, Хрватска ќе настапува и во Лигата на нациите, каде што Билиќ исто така најави високи цели.

Едно од првите прашања со кои ќе се соочи е иднината на Лука Модриќ во репрезентацијата. Билиќ рече дека сака лично да разговара со капитенот и дека би сакал тој да продолжи да настапува за Хрватска.

„Одлуката е негова. Колку што му значи на фудбалот, толку ѝ значи и на репрезентацијата. За Хрватска тој е многу повеќе од најдобар играч“, рече Билиќ.

Тој најави дека нема вештачки да ја подмладува репрезентацијата и дека единствениот критериум при изборот ќе биде квалитетот. Според него, националниот тим не е клуб во кој младите фудбалери добиваат предност само поради возраста.

Билиќ го наследува Златко Далиќ, кој се повлече по девет години на селекторската функција и елиминацијата од Португалија во шеснаесетфиналето на Светското првенство. Далиќ ја предводеше Хрватска до светско сребро во 2018 и бронза во 2022 година.

Новиот селектор призна дека не е лесно да се наследи најуспешниот период во историјата на хрватската репрезентација, но оцени дека сега е позрел и поискусен тренер отколку кога првпат ја презеде функцијата во 2006 година

Најчитано