Битиќи за автопатот Кичево-Охрид: Време за губење нема, компанијата да даде гаранции дека се спремни да одговорат на предизвикот за финализирање на проектот

Вицепремиерот Фатмир Битиќи за „Блумберг Адрија“ изјави дека по новогодишните празници, Владата и кинеската компанија „Синохидро“ ќе почнат преговори за потпишување нов анекс на договорот.

„Сметам дека не треба јас да очекувам, компанијата во овој случај треба да даде цврсти гаранции дека се спремни да одговорат на предизвикот за финализирање на проектот. Таму се вклучени и надзорот затоа што тоа што требаше како институции да го испорачаме сме го испорачале во минатиот период. Веќе крајно време е гаранциите да се добијат од тие што треба сето тоа го го спроведат, изјави вицепремиерот за економски прашања.

Тој даде потврда дека има заклучок кој доаѓа од одредена анализа направена од неколку експерти дека препораката била да има нов анекс, со нов рок за финализирање на проектот, а не раскинување на договорот.

„Јас цврсто стојам дека без цврсти гаранции за финализирање на проектот со јасно зададен рок нема да има нов анекс и се додека јас сум вклучен во преговорите тоа ќе биде ставот. Мислам дека е одминато времето на она: вака требало – така требало“, потенцираше Битиќи.

Тој додаде дека реалните проблеми се познати. Ако нема доволен капацитет за соодветно да се проектираат и најдат решенија, ќе треба да се најдат капацитетите каде и да се, со цел отстранување на евентуални грешки во проектирањето.

„Ако нема капацитет од изведувачите, ќе треба да најдеме нови изведувачи. Тука компромис нема затоа што мислам дека конечно сите треба да сфатат дека време за губење нема веќе. Затоа што 10 години за неколку километри автопат се навистина премногу“, заклучи Битиќи во своето видеобраќање до „Блумберг Адрија“.

Треба да знаете
Moже да ве интересира