ЦИВИЛ повикува на солидарност со граѓаните што едвај преживуваат

ФОТО: Civilmedia.mk

ЦИВИЛ повикува на солидарност со граѓаните што секојдневно се борат со сметки, долгови, лекови, храна и основни трошоци, во авторски текст на Џабир Дерала објавен на ЦИВИЛ Медиа, со порака дека државата, институциите и големите компании можат веднаш да го олеснат животот на луѓето ако имаат политичка волја и минимум одговорност.

Во текстот се нагласува дека ова не е повик за милостина, туку за здрав економски разум. Граѓаните сè потешко ги плаќаат сметките, одложуваат лекарски прегледи, се задолжуваат за основни потреби и стравуваат од извршители, исклучување струја, вода, телефон или интернет, па дури и од губење на домот.

ЦИВИЛ бара државата да ги субвенционира основните здравствени услуги и неопходните лекови за најранливите категории, затоа што здравјето не смее да биде луксуз. Посебен акцент се става и на студентите, за кои се бара подобар стандард, санација на домовите, навремена исплата на стипендии и достоинствени услови за живот.

Во делот на компаниите, апелот е насочен кон операторите, снабдувачите со струја и вода, банките, маркетите и другите големи даватели на услуги. Од нив се бара повеќе солидарност преку пониски цени, продолжени рокови за плаќање, фер третман на работниците и без грубо исклучување од основни услуги.

Меѓу предложените мерки се наведуваат мониторинг на цените и маржите, ограничување на цените на основните производи, вистинско намалување на акцизите за горивата, поедноставување на процедурите за социјална помош, локални фондови за итна поддршка, субвенциониран превоз, репрограмирање долгови, ограничување на трошоците за извршување и намалување на ДДВ за основни производи.

Главната порака е дека сиромаштијата не смее да биде оставена на добрата волја на поединци. Кога граѓаните едвај преживуваат, секоја такса, камата, казна, сметка и рок станува прашање на достоинство, но и тест за тоа дали државата навистина функционира како социјална држава.

Најчитано