Црна Гора пред историски чекор: Марта Кос најави можен крај на преговорите со ЕУ до крајот на годината

Црна Гора

Црна Гора би можела до крајот на годинава да влезе во завршната фаза од пристапните преговори со Европската Унија, доколку продолжи со реформите и ја задржи поддршката од европските институции и земјите членки, порача еврокомесарката за проширување Марта Кос.

Кос изјави дека Подгорица има реална можност да направи крупен чекор напред за време на ирското претседателство со Советот на ЕУ, кое следи во втората половина од годината.

Пораката доаѓа пред состанокот на Советот за надворешни работи на ЕУ во Луксембург, каде што се одржува Меѓувладина конференција меѓу Европската Унија и Црна Гора, заедно со конференциите со Украина и Молдавија.

Според Кос, денеска треба привремено да бидат затворени уште две преговарачки поглавја со Црна Гора, со што вкупниот број на затворени поглавја ќе достигне 16.

„Тоа е приближно половина од работата што Црна Гора сè уште треба да ја заврши“, изјави Кос.

Таа оцени дека проширувањето повторно станува еден од најважните инструменти на надворешната политика на Европската Унија, особено во услови на војна во Украина и зголемени геополитички притисоци во европското соседство.

Кос нагласи дека во изминатите 16 до 17 месеци во процесот на проширување е постигнато повеќе отколку во претходните 15 години. Според неа, денешниот ден е важен за политиката на проширување, бидејќи Украина и Молдавија влегуваат во нова фаза од пристапниот процес со отворање на првиот преговарачки кластер.

За Западен Балкан, случајот со Црна Гора има посебна тежина. Доколку Подгорица навистина ги заврши преговорите до крајот на годинава, тоа би било првиот јасен сигнал по подолг период дека процесот на проширување повторно може да произведе конкретен резултат, а не само политички декларации.

Во истиот контекст, пораката од Брисел се чита и како притисок врз останатите земји-кандидати — реформите, владеењето на правото и усогласувањето со европските стандарди остануваат главниот услов за напредок кон членство.

Најчитано