Најголемата фудбалска организација ФИФА, планира дисциплински постапки против играчи и селектори кои јавно го критикувале судењето за време на Светското првенство.
Според информациите на „The Athletic“, дисциплински постапки би можеле да бидат покренати по завршувањето на турнирот против играчи и селектори кои јавно го критикувале судењето.
Во текот на Светското првенство речиси и да немаше репрезентација чии играчи или селектор не изразија незадоволство од судиските одлуки. Иако досега ФИФА не презеде мерки против јавните критики упатени кон арбитрите, тоа би можело да се промени по завршувањето на турнирот.
Според „The Athletic“, повикувајќи се на извори блиски до светската фудбалска организација, ФИФА планира да отвори дисциплински постапки против сите кои јавно го коментирале судењето по натпреварите. Мерките би можеле да ги опфатат и играчите и селекторите, без разлика на репрезентацијата што ја претставуваат.
Во европските клупски натпреварувања, како што е Премиер лигата, јавните критики кон судиите често се санкционираат со парични казни или суспензии. Според истиот извор, ФИФА засега се воздржала од реакција за време на шампионатот, но се очекува одлуките да бидат донесени по неговото завршување.
Доколку овие информации се потврдат, останува да се види дали дисциплинските мерки ќе важат подеднакво за сите учесници или ќе има разлики во третманот на големите и помалите фудбалски селекции.
