Филипче го повика Мицкоски за заедничко носење на уставните измени

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, го повика премиерот Христијан Мицкоски и власта заеднички да пристапат кон носење на уставните измени, оценувајќи дека Македонија не смее да го пропушти моментот во кој Европската Унија повторно го става проширувањето високо на својата агенда.

Филипче говореше на панел-дискусија на тема „Геополитичката димензија на проширувањето на ЕУ и импликации за Западен Балкан“, каде што порача дека државата треба да преземе конкретни чекори за продолжување на европскиот процес.

Според него, актуелните геополитички околности, вклучително војната во Украина и нестабилноста на Блискиот Исток, го забрзуваат процесот на проширување и отвораат нов простор за земјите од Западен Балкан. Филипче оцени дека Македонија треба да ја искористи таа можност, бидејќи во спротивно ризикува да остане надвор од следните фази на проширувањето.

Тој посочи дека во ЕУ веќе има активности поврзани со пристапните процеси на земјите од регионот, вклучително и подготовка на пристапен договор за Црна Гора, како и напредок кај Албанија. Во такви околности, рече Филипче, Македонија не треба да остане во блокада поради нерешени домашни политички прашања.

Во фокусот на неговото обраќање беа уставните измени, кои остануваат клучен политички услов за продолжување на преговорите со Европската Унија. Филипче порача дека одговорноста за тој процес треба да биде споделена и дека власта и опозицијата треба заеднички да учествуваат во донесувањето на одлуките.

Тој нагласи дека очекува преговорите со ЕУ да не задираат во идентитетските прашања, но дека сите политички актери треба да бидат вклучени во реформскиот процес и во преговарачката рамка.

Повикот доаѓа во период кога Европската комисија одобри нова исплата од 65,7 милиони евра за Македонија од Планот за раст за Западен Балкан. Средствата се поврзани со позитивна оцена за дел од реформите, пред сè во образованието и дигитализацијата.

Најчитано