Филипче: Намерниот застој на патот кон ЕУ е државен удар

Филипче

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, обвини дека власта намерно го запира европскиот пат на Македонија, оценувајќи дека таквата политика претставува „форма на државен удар“ и директно загрозување на стратешките интереси на државата.

Во обраќањето на седница на Националниот совет за евроинтеграции, Филипче рече дека Македонија сè повеќе заостанува зад другите земји кандидати за членство во Европската Унија, додека Владата декларативно ја поддржува интеграцијата, но не ги презема чекорите потребни за продолжување на процесот.

Според него, членството во ЕУ е определба што Македонија ја следи од независноста, преку добивањето кандидатски статус, решавањето на спорот со Грција и пристапувањето во НАТО. Тој порача дека европската интеграција нема реална алтернатива и дека застојот значи губење можности за реформи, развој и користење европски фондови.

Филипче се повика и на забелешките од европските институции за владеењето на правото, независноста на судството, борбата против корупцијата и состојбата со медиумите. Тој оцени дека актуелната политика ја оддалечува државата од ЕУ и го зголемува просторот за надворешни влијанија во регионот.

Лидерот на СДСМ побара од евроамбасадорот Михалис Рокас објаснување за можните последици доколку Македонија остане во сегашниот застој, вклучително и дали државата ќе има пристап до средствата од следната повеќегодишна финансиска рамка на Унијата без конкретен напредок во преговорите.

Официјалната позиција на Европскиот совет е дека усвојувањето на договорените уставни измени останува единствениот пат за формално продолжување на пристапните преговори. Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, оваа порака ја повтори за време на посетата на Скопје на 2 јуни.

Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент во последниот нацрт-извештај побара обновена политичка посветеност на реформите, посочувајќи ограничен напредок во владеењето на правото, судството и борбата против корупцијата. Европратениците ги повикаа партиите да соработуваат околу уставните измени потребни за отворање на првиот преговарачки кластер.

Филипче нагласи дека Македонија сè уште нема отворено ниту едно преговарачко поглавје, додека дел од другите кандидати, меѓу кои Албанија, Црна Гора, Молдавија и Украина, веќе напредуваат во процесот на пристапување.

Најчитано