Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на денешната прес-конференција укажа дека ВМРО-ДПМНЕ со пропагандата што ја спроведува преку се обидува одговорноста за застојот во реформите да ја префрли врз Европската Унија. Филипче посочи дека наместо реални резултати и спроведени реформи, јавноста е сведок на политички спинови и обиди за манипулација со граѓаните.
„Муцунски грмнал во Брисел, Тимчо. Ова веќе звучи смешно само по себе. Но, она што воопшто не е смешно е дека криминалната група на ВМРО преку нивните медиуми, сега внимавајте, ја обвинуваат Европската Унија дека не се спроведуваат реформите тука кај нас.Повторувам што објавиле – Тимчо Муцунски, министер на криминалната група ВМРО, и во име на шефот на бандата Христијан Мицкоски, грмнал во Брисел и ја обвинил ЕУ дека таа е виновна што ние не ги спроведуваме реформите како услов за продолжување на преговорите”, рече Филипче.
Притоа, Филипче нагласи дека ваквиот наратив на владата на ВМРО-ДПМНЕ е како што кажа, класична политичка манипулација и обид за избегнување одговорност.
„Кој е овде луд? Тие ништо не работат на реформите, па им е виновна Европската Унија? Дали разбирате до кој степен на манипулација се оди? До вчера ние бевме виновни за сè. Денес е виновен Брисел и целата Европска Унија. Муцунски, исто како и Мицкоски дома, пред македонските граѓани зборуваат едно, но во Брисел зборуваат друго. Денеска повторно го слушнавме тоа и го видовме. Не ги исполниле реформите и немаат што да бараат во Брисел. Но, важно е што сакаат да им пласираат на граѓаните. Повторно лаги и манипулации. Вести од ваков тип, кои излегуваат од кујната на ВМРО се лаги кои служат за манипулација и поделби на граѓаните”, рече Филипче.