Французинка и Американец позитивни на хантавирус по евакуацијата од крузерот „Хондиус“

Француска државјанка и американски државјанин се позитивни на хантавирус по евакуацијата од крузерот „MV Hondius“, каде претходно беше регистрирано опасно ширење на вирусот, а здравствените власти продолжуваат со тестирања и следење на контактите на патниците кои веќе се вратиле во повеќе држави.

Според информациите објавени во медиумите, двајцата патници биле меѓу лицата евакуирани од бродот што со денови беше во центарот на вниманието на светската јавност поради појавата на смртоносниот анденски сој на хантавирус.

Здравствените власти потврдија дека и понатаму се спроведуваат дополнителни анализи и тестови, бидејќи дел од патниците веќе отпатувале во своите матични земји, што дополнително ја усложнува епидемиолошката контрола и следењето на можните контакти.

Крузерот „Хондиус“ претходно беше ставен под посебен надзор по смртта на неколку патници и сомнежите дека станува збор за редок сој на хантавирус кој, за разлика од повеќето други варијанти, во одредени случаи може да се пренесува и од човек на човек преку многу близок контакт.

Светската здравствена организација и националните здравствени институции внимателно ја следат состојбата, додека експертите предупредуваат дека иако ризикот за масовно ширење останува низок, потребна е претпазливост поради специфичноста на вирусот и долгата инкубација, која може да трае и до 45 дена.

Во меѓувреме, дел од патниците од бродот веќе се ставени во карантин или под медицински надзор во повеќе држави, а здравствените власти апелираат сите што имале контакт со заразените веднаш да се јават кај надлежните служби доколку почувствуваат симптоми.

Зачлени се на нашиот е-билтен