Герасимовски: „Центарска симфонија“ носи музика на отворено во срцето на Скопје

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, ги покани граѓаните на второто издание на „Центарска симфонија“, музички спектакл под отворено небо кој ќе се одржи утре во 19:30 часот на „Плочник“ во Градски Ѕид, спроти Владата.

Во гостување во попладневната програма на МРТВ, Герасимовски истакна дека Општина Центар во изминатите години значително ги зголемила вложувањата во културата, при што буџетот за оваа намена достигнал 25 милиони денари.

Тој нагласи дека општината реализира бројни културни активности во текот на целата година, вклучувајќи концерти, изложби и настани за сите генерации.

„Утре нè очекува ‘Центарска симфонија’, прекрасен настан што се реализира втора година по ред. Ги повикувам сите жители на општината и градот да ни се придружат“, изјави Герасимовски, додавајќи дека програмата е наменета за љубителите на музиката и урбаната култура.

На бесплатниот концерт, поддржан од Општина Центар, ќе настапат оркестарот „Сонора Колектив“, како и вокалните солисти Иван Наумовски и Елена Васова.

Од општината најавуваат дека и во летниот период ќе продолжат со организирање културни настани и содржини за граѓаните.

Најчитано