Грчкиот министер за надворешни работи Јоргос Герапетритис изјави дека Атина нема да прифати ширење на војната во Украина кон Медитеранот, по инцидентот со морски дрон пронајден во близина на островот Лефкада.
Изјавата доаѓа откако грчките власти започнаа истрага за беспилотно пловило кое беше откриено во Јонското Море и за кое постојат сомнежи дека е поврзано со украинската воена технологија. Киев претходно негираше поврзаност со случајот.
Герапетритис порача дека Грција внимателно ја следи безбедносната состојба во поширокиот регион и дека прашањето за безбедноста на поморските рути и пловидбата останува приоритет за Атина.
Според грчките медиуми, случајот веќе е отворен и на дипломатско ниво, а од украинската страна се очекуваат дополнителни објаснувања за потеклото на дронот. Во Атина оценуваат дека ваквите инциденти можат да имаат последици врз безбедноста во источниот Медитеран и врз морскиот сообраќај во регионот.
Во последните месеци Грција ја засили безбедносната и одбранбената координација со европските партнери, особено во делот на поморската безбедност и источниот Медитеран.
