Иран би можел да почне збогатување ураниум до 90 проценти, ниво што се смета за погодено за нуклеарно оружје, доколку повторно биде нападнат од САД или Израел, предупреди Ебрахим Резаи, портпарол на Комисијата за национална безбедност и надворешна политика во иранскиот парламент.
Резаи објави дека една од опциите на Техеран во случај на нов напад би можела да биде збогатување ураниум до 90 проценти и дека за тоа ќе се расправа во парламентот. Неговата изјава доаѓа во период на кревко примирје и застој во преговорите меѓу САД и Иран за завршување на конфликтот што почна претходно годинава.
Американскиот претседател Доналд Трамп претходно оцени дека примирјето со Иран е на „апарати за одржување во живот“, откако го отфрли иранскиот предлог за договор. Нуклеарното прашање останува главна точка на спорот: Вашингтон бара Иран да го изнесе високо збогатениот ураниум од земјата и да се откаже од домашно збогатување, додека Техеран настојува тоа прашање да се отвори во подоцнежна фаза од разговорите.
Клучната неизвесност останува судбината на околу 400 килограми ураниум збогатен до 60 проценти, што е технички блиску до нивото од 90 проценти. Американските разузнавачки процени наведуваат дека иранската нуклеарна програма нема значително да биде ограничена доколку тој материјал не биде отстранет или уништен.
Меѓународната агенција за атомска енергија претходно потврди дека иранските нуклеарни локации Фордоу, Натанц и Исфахан биле погодени при американски воздушни напади во јуни 2025 година. Агенцијата тогаш соопшти дека штетата во дел од објектите не може целосно да се процени поради подземната инфраструктура, особено во Фордоу, и повика инспекторите да се вратат на терен.
Иран повеќепати тврди дека не бара нуклеарно оружје. Сепак, заканата со збогатување до 90 проценти ја зголемува загриженоста дека нуклеарната програма може повторно да стане централна точка на ескалација меѓу Техеран, Вашингтон и Израел. Збогатениот ураниум на тоа ниво не значи автоматски готова нуклеарна бомба, но претставува најчувствителниот материјален праг во процесот што би можел да води кон изработка на оружје.