Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг информираше дека министрите за надворешни работи на земјите-членки на Алијансата на денешниот состанок ќе се осврнат на итните безбедносни прашања.
Говорејќи во седиштето на НАТО во Брисел, непосредно пред состанокот, Столтенберг го поздрави продолжувањето на хуманитарната пауза во Газа и рече дека тоа овозможило многу потребно олеснување за луѓето во Газа, ослободување на повеќе заложници и испорака на повеќе хуманитарни помош.
Тој му се заблагодари на американскиот државен секретар Ентони Блинкен за вложените напори да дојде до ова примирје.
Осврнувајќи се на интензивните борби долж линијата на фронтот и брановите напади со беспилотни летала против украинските градови, генералниот секретар рече дека тоа само ја зголемува важноста на тоа сојузниците на НАТО да продолжат да ја поддржуваат Украина. Тој ги поздрави неодамнешните најави од НАТО членки за дополнителна поддршка за Украина, вклучително и дополнителна финансиска поддршка од Германија и Холандија, отворање на центар за обука за украински пилоти во Романија за авиони Ф-16 и коалиција од 20 земји за координирање на напорите за обезбедување поголема воздушна одбрана до Украина. Воедно, Столтенберг се заблагодари за големата помош за Украина која доаѓа од САД, потенцирајќи ги заедничките напори на Канада, САД и европските партнери.
Шефот на воената алијанса, исто така посочи дека министрите ќе разговараат и за Кина, Западен Балкан и „заканите и можностите во нашето јужно соседство“.
Од своја страна, Блинкен потенцираше дека она што НАТО го работи сега е „поважно од кога и да е“. – Видовте во последните три години како НАТО истапува напред за да се справиме со предизвиците заедно. Силно ја реафирмираме нашата поддршка за Украина која и натаму се соочува со руската агресија, истакна Блинкен.
Тој посебно нагласи дека следниот самит на НАТО в година ќе се одржи во Вашингтон, кога Алијансата ќе прослави 75 години од своето постоење.