Каде гори во Грција и кои места се најзагрозени? Според последните информации од грчките служби и медиуми, најтешката битка се води на Крит, додека активни огнени фронтови има и на Парос, Андрос и Калимнос. Силниот ветер ги разгорува пожарите, ги отежнува воздушните интервенции и предизвикува нови евакуации.
Најкритична е состојбата во јужниот дел на Ретимно. Големиот пожар во општината Агиос Василиос продолжува, а ново жариште избувна во Асоматос и се движи кон Превели. Поради ветровите и речиси никаквата видливост, противпожарните летала не успеале да извршат ниту едно фрлање вода на новиот фронт. Од крајбрежјето кај Превели по море биле евакуирани 51 лице, кои биле пренесени до пристаништето во Агиа Галини.
Во поширокиот регион на Ретимно претходно беа евакуирани повеќе населени места, а во борбата со пожарот загинаа двајца пожарникари. Паралелно, противпожарните екипи интервенираат и на два фронта во областа Агиа Триада кај Ситија, каде што сликата е подобра, но тешко пристапниот терен сè уште ја отежнува интервенцијата.
На Парос, пожарот што започна во вторникот повторно се разгоре во областа Трипити и се движи кон Аспро Хорио. Набргу потоа се појави и втор фронт кај Дамалиа, а пламените јазици се приближија до куќи. Преку бројот 112 беа издадени наредби жителите на Аспро Хорио да се движат кон Дрио, а луѓето од Камари и Ангаириа кон Алики.
Пожарот на Парос почнал во просторот на депонијата, а грчките власти ја истражуваат можноста огнот да бил предизвикан од самозапалување на отпадот или од жариште во неговата внатрешност. Во рамките на истрагата беа приведени градоначалникот, заменик-градоначалникот задолжен за чистота, претставник на фирмата што управува со отпадот и возач на камион.
Нов пожар избувна и во ниска вегетација кај Палеополи на Андрос. Поради силниот ветер, огнот брзо се проширил, а системот 112 наредил евакуација на Палеополи кон Батси. Подоцна била наредена и евакуација на Колимпос кон градот Андрос. На островот дуваат ветрови до седум бофори, а во гаснењето се вклучени копнени екипи и хеликоптер.
На Калимнос гори ниска вегетација во областа Вати, во близина на Бутсани. Жителите добиле предупредување преку 112 да останат подготвени за евентуална евакуација. Локалните власти соопштија дека фронтот е голем, а во операцијата се вклучени противпожарни екипи, општински цистерни и хеликоптер испратен од Родос.
Пожар имаше и кај Харакас во источна Атика, но грчката противпожарна служба успеа да го стави под контрола околу еден час по неговото избувнување. Во интервенцијата учествуваа 95 пожарникари, три авиони и три хеликоптери.
Грчките метеоролози очекуваат ветровите благо да ослабнат во текот на ноќта, но опасните услови ќе продолжат и во петок, особено на Крит, во регионот на Андрос и во другите делови од Егејското Море. Позначително смирување се очекува дури од сабота попладне.
