Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Климатските промени за најголем страв за Европејците, покажува Барометар

Граѓаните на ЕУ сметаат дека најмногу се изложени на ризици поврзани со влијанието на климатските промени, но и од безбедносните и социјалните предизвици, па затоа мнозинството од нив сметаат дека им се потребни повеќе информации за да бидат подготви за реакција во случај на елементарни непогоди и вонредни ситуации, покажуваат резултатите од истражувањето на Евробарометар објавени денеска. 

Како што соопшти Европската комисија, во истражувањето спроведено во сите 27 земји членки на ЕУ, граѓаните биле прашани за мислење за нивната изложеност на ризици од непогоди, нивното ниво на знаење за реакција на нив, како и за изворите што ги користат за да дознаат за ризиците од непогоди.  

Во дури 17 членки на ЕУ, граѓаните изјавиле дека најмногу стравуваат од ризици предизвикани од екстремните временски услови, како што се невремиња, суши или топлотни бранови. 

За разлика од нив, најголем процент од жителите на Португалија, Кипар и Бугарија стравуваат од шумски пожари, а Швеѓаните, Данците и Чесите од кибер закани. Германците најмногу стравуваат од политички или геополитички тензии, Естонците од нанесување штети на критичната инфраструктура, а Финците од вонредни здравствени состојби. 

Речиси две третини од испитаниците во анкетата изјавиле дека им се потребни повеќе информации за да бидат подготвени за реагирање при елементарни непогоди и вонредни ситуации, а над една третина дека имаат потешкотии во пронаоѓањето релевантни информации за овие прашања, објавени од властите и соодветните служби. 

Речиси 40 отсто од испитаниците оцениле дека немаат доволно време или финансиски средства за да се подготват за евентуални непогоди или вонредни ситуации, но истовремено сметаат дека подобрата подготовка за реакција во вакви случаи ќе ја зголеми нивната индивидуална отпорност. 

Мнозинството граѓани на ЕУ рекле дека веруваат оти службите за вонредни состојби се подготвени за адекватно справување со непогоди, како и за обезбедување информации и издавање предупредувања.  

Но, од друга страна, анкетираните изјавиле дека при вонредни состојби повеќе се потпираат на членовите на семејството и пријателите, отколку на службите за итни случаи, невладините организации или локалните власти или државни агенции.  

Речиси две третини од граѓаните на ЕУ рекле дека никогаш не учествувале во доброволна акција за поддршка на организациите за реакции при итни случаи или во иницијативи за зголемување на отпорноста при непогоди, додека само седум отсто од нив моментно се ангажирани во вакви активности. 

Според еврокомесарот за справување со кризи Јанез Ленарчич, клучна компонента на отпорноста при катастрофи е населението да биде свесно за ризиците и подготвено за реакција. 

– Треба да ги имаме предвид различните опасности, да бидеме соодветно подготвени и да изградиме отпорност во нашето општество. Ова ќе им помогне на луѓето да бидат подобро подготвени за ризиците со кои може да се соочат. Тоа ќе придонесе и за зајакнување на личната подготвеност, а луѓето ќе можат да продолжат да сметаат и на службите за итни случаи, додаде Ленарчич. 

Тој нагласи дека ова истражување на Евробарометар дава вредни информации за нивото на свесност на Европејците за ризикот од непогоди и ќе придонесе за подобра подготвеност на европските општества за реакции во вонредни случаи. 

ЕУ има на располагање неколку алатки за справување со вонредни состојби. На прво место е Механизмот за цивилна заштита на ЕУ, во кој покрај 27-те членките на Унијата се вклучени и пет земји од Западниот Балкан (Северна Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Србија и Црна Гора), како и Исланд, Молдавија, Норвешка, Турција и Украина. Целта на овој Механизам е подобрување на превенцијата, подготвеноста и способноста за одговор на вонредни состојби. 

Кога некој вонреден настан ќе ги надмине можностите за одговор на една земја, таа може да побара помош преку овој Механизам. Од неговото основање во 2001 година, Механизмот за цивилна заштита на ЕУ досега е активиран за над 600 итни случаи. 

Во февруари минатата година, Европската комисија усвои препораки за воспоставување заеднички цели за зајакнување на отпорноста при вонредни состојби до 2030 година, кои меѓу другото вклучуваат и значително зголемување на свесноста и подготвеноста на граѓаните за ризиците од непогоди и зајакнување на капацитетите на земјите вклучени во Механизмот за цивилна заштита за предвидување на големи елементарни непогоди и вонредни состојби и посоодветно справување со последиците од нив. 

Зачлени се на нашиот е-билтен

Најново