Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Конференција „Украина-две години хероизам“: Војната не е само против Киев, туку и против демократскиот свет и НАТО

Војната не е само против Киев, туку и против демократскиот свет и НАТО,  а поддршката за украинската држава ќе продолжи и ќе се соработува  на нејзиниот пат за членство во ЕУ, порачаа учесниците на конференцијата„Украина – две години хероизам“ се одржува денеска во Скопје, во организација на Амбасадата на Украина, во соработка со ЦИВИЛ – Центар за слобода.

-Со отворањето на можностите за забрзана интеграција на Северна Македонија и Албанија, со кандидатскиот статус и почетокот со преговорите со Украина и Молдавија, со отворањето на европската перспектива за Грузија, ЕУ покажува дека не е само економски сојуз или заеднички пазар, туку е сојуз на држави и нации кои споделуваат исти вредности – вредности на мирот, демократијата, солидарноста и меѓусебното почитување, истакна првиот заменик претседател на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ.

Северна Македонија, посочи Маричиќ, е уште еден пример за важноста да се биде во сојуз како што е НАТО, но истовремено е пример дека нема мали и големи држави, туку има земји и народи кои ги негуваат солидарноста и сојузништвото и ги покажуваат на дело. Македонската нација, од првиот ден, застана заедно со украинската нација и со сите други сојузници во НАТО и во ЕУ, во борбата против агресијата, воените злосторства и непочитувањето на човековото достоинство и меѓународното право, подвлече Маричиќ.

Тој речи оти ние имаме долга историја на соработка и пријателство со Украина. Двете земји, како што додаде, имаат слична историја, па и слична политичко безбедносна сегашност. Минатата година, потсети тој, на Украина ѝ донесе и кандидатски статус за членство во ЕУ, акт што „ние го поздравуваме и веруваме дека добро ќе соработуваме на европскиот пат на нашите две земји“.

– Поддршката за Украина не е трошок, туку инвестиција во иднината на една голема и храбра нација, но и инвестиција во нашата сопствена безбедност, стабилност и мир. Украина се бори за слободата и територијалниот интегритет на државата, но и слободата и мирот во целиот свет, посочи Маричиќ.

Вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска порача оти не смееме да заборавиме дека борбата која Украина е принудена да ја води за да ја зачува својата самостојност и територијален интегритет е и подалекусежна борба – борба за врвните принципи на човечноста, на хуманоста, на правото и на правдата.

– Сето ова што се случува на украинско тло е повторување на една стара лекција која човештвото никако да ја научи. Режим кој убива и туѓи и свои за да опстои, режим кој почива на длабока корупција, режим во кој владеат хирови наместо закани и во кој тесните интереси на малкумина имаат предност пред животот на милиони, таков режим неизбежно води кон деструкција и страдање. Сето ова не потсетува колку се важни демократските придобивки на цивилизацијата, истакна Грковска во своето обраќање на конференцијата.

Таа напомена дека и денес даваме признание на Украина за напредок во владеење на правото, имтеплементирање на антикорупциски политики во соработка со меѓународните партнери, затоа што и во вакви услови, фокусот и важноста на создавање на здраво демократско општество, почива на принципите на добро владеење.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи, пак, кажа дека Република Северна Македонија останува да ја поддржува Украина сѐ додека тоа е потребно.

– Доколку Руската Федерација победи во Украина, следната станица е длабоко во Европа. А кој прво, ако не најранливите региони како што е Западниот Балкан? Па и мултиетничка Северна Македонија. И затоа ние мора да бидеме во поддршка на Украина, рече Османи.

Претходно, претседателот на државата, Стево Пендаровски во обраќање на воведниот дел на конференцијата рече дека војната во Украина е најголемата закана за мирот и за европската безбедност, чијшто исход ќе влијае врз поредокот, не само на нашиот континент, туку и во меѓународните односи низ годините што доаѓаат.

– Војна што ќе покаже дали годините на демократски развој во Европа, по крајот на Студената војна, се залудно потрошени за реализација на една апстрактна идеја или, пак, демократијата сè уште е жилава и доволно силна да покаже отпорност кон ретроградните и авторитарни режими и предизвиците коишто тие ги создаваат, истакна Пендаровски.

Украинската амбасадорка во државава Лариса Дир, пак, рече дека оваа војна  не е војна само против Украина, туку и протов демократскиот свет и НАТО.

Техничкиот премиер Талат Џафери, преку видео обраќање изрази поддршка за Украина.

– Ние како Северна Македонија или народи кои живеат тука со векови, точно знаеме што значи да се бориш за слобода. Точно знаеме што значи да си на правата страна на историјата. Затоа се приклучивме со санкциите и надворешната безбедносна политика на Европската Унија, рече тој, меѓу другото.

Џафери потенцираше дека Украина во оваа Влада има пријател и партнер.

На конференцијата предвидени се обраќања и на евроамбасадорот Дејвид Гир, американската амбасадорка Анџела Прајс Агелер, како и дипломатските претставници на Велика Британија, Шведска, Албанија, Чешка, Франција, Јапонија, Германија, Полска и Литванија.

Во музејот беа поставени и две изложби. „Проект Украина: Доживување на војната“, електронска изложба со виртуелна реалност и „Поштенска картичка од Украина“, изложба на фотографии.

Беше промовирана и книгата „Украина – години на хероизмот“ од Џабир Дерала.

Треба да знаете
Moже да ве интересира