Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Костадиновска-Стојчевска: Ја збогатуваме колоритноста на идентитетската карта на Европа со македонската култура и јазик

„Корените на македонската култура во Европа се напојуваат со делото на Светите браќа Кирил и Методиј, кои беа прифатени како покровители на најстариот континент. Се напојуваат од Охридската книжевна школа на Св. Климент Охридски и со првите пројави на европското ренесансно сликарство со фреските во манастирите во Нерези, Курбиново и Охрид“, пишува на социјалните мрежи министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевка.

Во нејзината објава со наслов „Местото на македонската култура е во Европа“, министерката потсетува дека „Теракотните икони од Виничко Кале претставуваат единствени од ваков тип со непроценливо богатство од археолошка, уметничка и теолошка вредност се постојан интерес на европските музеи“, како и на другите дострели на македонското културно наследство и творештво..

„Во европската култура која е изградена на највисоките стандарди на мултикултурализам, интегративен пристап, дијалог, толеранција, почитување и заштита на сите различни култури, се испреплетени делата на нашите културни дејци од мугрите на создавањето на нашата држава. Европа им се восхитува на Конески, на Шопов, на Горан Стефановски чии драми се поставени на многубројни театарски сцени во Европа. Плејада наши современи автори се дел од книжевното европско небо“, истакнува Бисера Костадиновска-Стојчевска.

Сите тие и многумина други се дел од нашето творештво со чија помош го добивме изборот на Скопје за престолнина на културата во Европа за 2028 година, посочува министерката, и тогаш, нагласува таа, „под европското и македонското знаме ќе ја подигнеме креативната енергија за да ја рашириме и низ целиот континент“.

„Ги отвораме ширум портите за да ја прегрнеме културата на Европа, како што Европа ја прегрна нашата, за да ја збогатуваме колоритноста на идентитетската карта на Европа со македонската култура, со македонскиот јазик. Со тие европски вредности создаваме заеднички културен простор во кој сите се добредојдени“, нагласува во својот текст на социјалните мрежи министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевка.

Треба да знаете
Moже да ве интересира