Мозамбичката влада соопшти дека пет нејзини државјани се убиени во ксенофобични напади во Јужна Африка, во најновиот бран насилство насочен кон странски државјани во земјата. Според властите во Мапуто, инцидентите се случиле во текот на викендот во крајбрежниот град Мосел Беј, додека јужноафриканската полиција засега потврдила помал број жртви.
Како што пренесуваат меѓународните агенции, дел од жртвите се настрадани како директна последица на насилните напади, додека други починале во одделни околности поврзани со инцидентите.
Нападите се случуваат во период на зголемени протести против нелегалната имиграција во Јужна Африка, кои во последните недели доведоа до зголемени тензии меѓу локалното население и странските заедници. Властите во неколку африкански држави веќе издадоа предупредувања до своите државјани во Јужна Африка поради безбедносни ризици.
Се наведува дека стотици мозамбички државјани биле погодени од насилствата, а дел од нив веќе се вратени во својата земја преку организирани репатријации, додека други се уште чекаат евакуација или безбедно засолниште.
Јужна Африка со години се соочува со повторливи бранови на ксенофобично насилство, кое често е поврзано со економски притисоци, висока невработеност и политички тензии околу миграцијата.
