Културата му се распаѓа пред очи на министерот Зоран Љутков, обвини Комисијата за култура на СДСМ, реагирајќи на неговите настапи за „европска култура“, „културна дипломатија“ и „креативни визии“, додека, според партијата, културниот сектор во Македонија се соочува со понижување, неизвесност и институционален распад.
Од СДСМ оценуваат дека е лицемерно министерот да зборува за долгорочни стратегии и јавни вредности во момент кога, како што тврдат, културните работници се оставени без вистинска поддршка, институциите без визија, а проектите без јасна динамика и стабилно финансирање.
Во соопштението се наведува дека јавноста гледа протести и револт во културниот сектор, партизација, пресметки, доцнење на програмите, блокирани проекти, хаос во распределбата на средствата и игнорирање на стручната јавност. Според СДСМ, Министерството за култура не покажува способност ниту за реализација на капитални проекти.
Партијата посебно го критикува тоа што Љутков зборува за Скопје 2028, а, според нив, не обезбедува нормално функционирање на ресорот што го води. Од СДСМ тврдат дека повикувањето на културното наследство звучи навредливо во услови на негрижа, урбанистички притисоци и уништување на историски објекти и културни простори низ државата.
Во реакцијата се наведува и дека министерот зборува за културна дипломатија, но за време на неговиот мандат не бил отворен ниту еден нов Културно-информативен центар на Македонија во странство. Според СДСМ, наместо системска културна дипломатија, јавноста добила „туристичка дипломатија“ и патувања без јасен ефект за македонската култура.
Од партијата велат дека културната дипломатија не се води со говори и конференциски фрази, туку со гостувања, соработки, меѓународна афирмација на уметниците и реална поддршка за институциите и културните организации.
СДСМ тврди дека во време на нивното раководење биле реализирани најголемите инвестиции во културата, била зголемена поддршката за уметниците и биле отворени институциите за јавноста. Денес, според нив, наместо европска престолнина на културата, власта го претвора Скопје во престолнина на импровизацијата, кичот и политичката самопромоција.
