Лукаревска: Секој пратеник кој им мисли добро на државата и идните генерации треба да ги гласа уставните измени

„Уставните измени треба да поминат според мене од секој оној пратеник кој им мисли добро на државата и на идните генерации. Таа е единствената девиза која треба да не води во целиот овој процес на уставни измени“ рече директорката на УЈП и потпретседателка на СДСМ, Сања Лукаревска во „Клик плус“ на ТВ21.

Таа додаде дека доколку некој смета дека не треба да ги гласа уставните измени тогаш тој не ѝ мисли добро на државата.

„Наша обврска, како проевропски ориентирана партија бидејќи трите постулати кои ги имавме кога дојдовме на власт, едниот постулат беше влезот на НАТО, едниот влезот во ЕУ и тоа е нашата цел кон која се движиме секојдневно. Поминавме многу пречки на патот и секако дека уште многу пречки не очекуваат“ рече Лукаревска.

Потпретседателката на СДСМ рече дека оваа шанса е една и единствена и дека секојдневно гледаме како видни меѓународни личности доаѓаат бидејќи сакаат да ѝ помогнат на нашата држава.

Во врска со кондицијата на буџетот, Лукаревска рече дека УЈП контактира со даночните обврзници на дневна основа и смета дека буџетот е во одлична кондиција.

„Ние имаме околу 120 милијарди да наплатиме за оваа 2023 година, веројатно ќе има одредени изменување во делот на бројките и процентите со ребалансот на Буџетот“, потенцираше Лукаревска.

Таа додаде дека онаму каде што не се плаќа во рок се презема присилна наплата, согласно даночниот календар, меѓутоа УЈП се флексибилни во кризното време и покажува партнерски однос со компаниите и граѓаните.

„Полнењето на буџетот можам да кажам дека оди задоволително. Треба да се има предвид дека сменивме одредени оданочувања кај различни услуги и производи и тоа секако дека се рефлектира во рамки на ДДВ. Имаме превисок план за 2023 година, гледајќи ги ефектите и очекувањата од тогашната енергетска криза, така што 3 буџети се со предзнак криза и мислам дека тука имаме и подобрување меѓутоа и редовно ги следиме сите оние дисторзии доколку настанати“, рече Лукаревска.

Таа посочи дека во петокот е потпишан колективен договор меѓу синдикатот „Солидарност“ и УЈП и добиено е позитивно мислење од страна на Министерството за финансии. Вработените во УЈП ќе добијат покачување на платата.

Лукаревска додаде дека веќе од следната плата вработените во УЈП ќе го имаат покачувањето од 30 отсто и кажа дека овој договор е постигнат колегијално и транспарентно со мирно решавање на спорови.

Директорката на УЈП рече дека на процесот пристапиле внимателно, со цел да се спречи ефектите од евентуалниот штрајк и неуспешност за договор да ги почувствува целата држава.

Треба да знаете
Moже да ве интересира