Македонско друштво „Илинден“: УКИМ го доведува во ризик стартот на Лекторатот по македонски јазик во Тирана

Факултетот за странски јазици на Универзитетот во Тирана
Факултетот за странски јазици на Универзитетот во Тирана

Македонското друштво „Илинден“ од Албанија во соопштение до медиумите пишува дека УКИМ „Св. Кирил и Методиј“ го доведува во ризик стартот на Лекторатот по македонски јазик во Тирана, којшто благодарени на ова друштво и на претходната директорка на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска, требаше да започне со работа со почетокот на тековната академска година 2023 – 2024.

Од „Илинден“ истакнуваат дека „посебно страшно е што се премолчува фактот дека за лектор е избрана личност што нема студирано македонски јазик и литература и не е македонист. Од интернет дознаваме дека д-р Славица Свидерска има дипломирано, магистрирано и докторирано Општа и компаративна книжевност, а не македонистика. Во ниту една нејзина биографија нема дека држела настава по македонски јазик. Сега нашите надежи се помали и затоа што не знаеме дали некој што не е македонист и што нема искуство со настава по македонски јазик, воопшто ќе може да ја работи работата од која зависи функционирањето на Лекторатот“.

Во соопштението на Македонското друштво „Илинден“ укажуваат „колку е строг Факултетот во Тирана и ако наставата не биде успешна и не се развива интересот, Лекторатот повторно би можел да биде затворен и сите заложби и нашата иницијатива да бидат залудни, а тоа не смее да се дозволи и не е во корист и на нашата матична македонска држава“.

Како универзитет број 1, УКИМ не смее да ги премолчува фактите за Лекторатот по македонски јазик во Тирана и за улогата што ја одигра Македонско друштво „Илинден“ од Тирана со својата иницијатива и со своите активности, се наведува во реакцијата и друштвото. Тие реагираат и на бавноста на постапката поради кои наместо на почетокот на годината, работата на Лекторатот е неизвесно кога ќе започне бодејќи останува „до крајот на оваа година да бидат завршени сите адимистративни работи околу отворањето на Лекторатот“.

Од Македонското друштво „Илинден“ од Албанија реагираат на прекинатата комуникација од страна на ректорката на УКИМ проф. д-р Билјана Ангеловска, додека новата директорка на Семинарот д-р Кристина Николовска ниту еднаш не им се обратила и ја прекинала соработката со нив.

„Избирањето лектор со кој ќе почне да работи Лекторатот по македонски јазик на Факултетот за странски јазици во Тирана е важно и за нас, Македонците во Албанија“, се вели во соопштението на Македонското друштво „Илинден“ од Тирана.

Иницијативата за Лекторатот беше покрената во 2022 година, и веднаш, тогашната директорка на Семинарот, Мојсова-Чепишевска ги алармира сите институции за иницијативата да се оствари. Во декември 2022 година, претседателот на Македонско друштво „Илинден“, Никола Ѓурѓај имаше состанок со неа, кога беше доставено и официјалното барање за Лекторатот до Универзитетот во Тирана кое експресно беше одобрено.

Треба да знаете
Moже да ве интересира